„Подарок за Трамп“

НАТО го проширува подрачјето на војување на вселената

НАТО пактот планира годинава да ја прогласи вселената за подрачје на војување, а една од причините е да му се покаже на американскиот претседател Доналд Трамп дека Северноатлантската алијанса е важна и дека се прилагодува на новите закани откако Трамп почна да формира вселенски сили на САД.

Со таквата одлука, која би требало да биде донесена на самитот на 3 и 4 декември во Лондон, на кој ќе учествува и Трамп, би било формално прифатено дека битките не мора да се водат само на копно, море, во воздух и на компјутерските мрежи, туку и во вселената, јавува Ројтерс, повикувајќи се на четворица високорангирани дипломати.

„Постои согласност за тоа дека вселената треба да се прогласи за простор за војување, а самитот во Лондон е најдоброто место тоа да се официјализира“, изјави висок дипломат на НАТО вклучен во дебатата, иако предупреди дека за техничките прашања сѐ уште се разговара.

Дипломатите на НАТО негираат дека Алијансата би војувала во вселената, но велат дека нејзиното прогласување за подрачје на војување би ја отворило расправата за тоа дали НАТО евентуално треба да користи вселенско оружје кое може да соборува непријателски ракети и воздушна одбрана или да уништува сателити, пишува британската агенција.

Одлуката за проширувањето на вселената за ново подрачје за војување би можела да помогне Трамп да се убеди дека НАТО може да биде корисен сојузник во сузбивањето на подемот на Кина како соперничка воена сила, тврдат дипломатите.

Членките на НАТО поседуваат 65 отсто од сателитите во вселената, но Кина предвидува големи констелации на комерцијални сателити кои можат да нудат услуги од брз интернет во авионите до следење ракети и вооружени сили на копно.

Кина развива оружје кое ќе може да се користи во орбитата и стана првата држава чија сонда слета на темната страна на Месечината минатата година. Русија е исто така вселенска сила и една од ректите земји која може да лансира сателити во орбитата.

„Може да се војува исклучиво во вселената, но оној што ја контролира вселената, го контролира и она што се случува на копното, морето и во воздухот“, кажа поранешниот функционер на НАТО Џејми Шеј, сегашен аналитичар на бриселската организација Пријатели на Европа.

„Ако не ја контролирате вселената, не ги контролирате ни другите области“.

Се очекува министрите за одбрана на НАТО да постигнат договор околу пошироката вселенска политика на редовниот состанок во Брисел следната недела, иако сѐ уште нема да има одлука за прогласување на вселената за оперативен домен.

Друг дипломат кажа дека одлуката, која ќе има силни последици, веројатно ќе биде „подарок за Трамп“.

Трамп, кој го искористи последниот самит на НАТО во јули минатата година да ги искара европските сојузници поради недоволното трошење за одбраната и ја обвини Германија дека е заробеник на руските енергенси, потпиша во февруари план за почеток на формирање американски вселенски сили.

Иако до собирањето во Лондон има уште околу половина година, европските сојузници веќе размислуваат дали Трамп повторно ќе ја доведе во прашање вредноста на Алијансата, на кој тој ѝ е де факто шеф, пишува Ројтерс.

Се истакнува дека најчувствително од сѐ ќе биде одлучувањето дали напад врз сојузнички сателит ќе се смета за напад врз воениот пакт и дали ќе биде активиран членот 5 за колективна одбрана.

Слично на одлуката од 2016 сајбер операциите да станат нов домен на војувањето, одлуката на НАТО првично би значела зголемено воено планирање, ревизија на слабостите на пактот и испитување како најдобро да се заштитат комерцијалните сателити кои ги користи војската.

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе