Тој на заедничка конференција за медиумите со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу Кажа дека Финска и Шведска ги исполниле своите обврски и дека „дошло времето да станат полноправни членки на сојузот“.
„Се радувам што во блиска иднина на двете земји ќе им посакам добредојде како полноправни членки на НАТО“, кажа Норвежанецот, додавајќи дека денес за тоа ќе разговара и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во Анкара следната недела се очекува и посета на новиот шведски премиер Улф Кристерсон.
Турција и Унгарија се единствените преостанати членки на западниот воен пакт кои треба да го ратификуваат пристапувањето на двете нордиски земји кои по руската инвазија на Украина ја напуштија својата политика на воена неутралност.
Хелсинки и Стокхолм соработуваат со Анкара во борбата против тероризмот и ќе има уште екстрадиции во Турција, кажа Столтенберг. Чавушоглу на прес-конференцијата беше воздржан, кажувајќи дека чекорите кои двете земји досега ги направиле сè уште не се доволни и дека Анкара сака „конкретна имплементација“.
Преговорите во следните денови ќе бидат клучни, кажа шефот на турската дипломатија.
Турција го блокира влегувањето на Шведска и Финска во НАТО поради поддршката на курдските бунтовници, како и исламскиот свештеник со американски пасош Фетула Ѓулен, поранешниот соработник на Ердоган кого турскиот претседател го обвинува за обидот за пуч во 2016 година.
Турција сака екстрадиција на осомничените и Шведска да го укине ембаргото на оружје. Стокхолм неодамна кажа дека е спремен да ѝ продава оружје на Турција.
Турција тврди дека Шведска ѝ ветила да ѝ предаде над 70 „терористи“, што Стокхолм не го потврди.