На дебатата во Брисел

Наследниците на Јункер зборуваа за сè и сешто, проширување не спомнаа

Шесте кандидати за функцијата претседател на идниот состав на Европската комисија за време на дебатата во Брисел синоќа им ги претставија на граѓаните на Европа своите политички приоритети.

Прв се обрати кандидатот на Европска левица, Нико Куе, белгиски синдикалец, со потекло од Шпанија, кој повика на поголема солидарност и промени „во правецот на Европа“.

„Европските лидери многу зборуваат, но не се занимаваат со суштината на проблемот. Нам ни треба Европа што ќе се справува со проблемите“, рече Куе.

Кандидатката на Зелените, германската европратеничка Ска Келер, која и на изборите во 2014 година беше во трката за позицијата претседател на Европската комисија, се заложи за ЕУ што ќе ја штити заедничката планета, за социјална Европа, за почитување на еднаквоста на жените, почитување на малцинствата и заштита на човековите права.

„Постои надеж за подобра иднина, но за тоа ни требаат храброст и промена“, рече Келер.

Чешкиот пратеник во Европскиот парламент Јан Захрадил, претставник на Европските реформисти, најави дека ќе работи на создавање „флексибилна и децентрализирана“ Европа и дека, доколку биде избран за претседател на Европската комисија, ќе се залага за Комисија што „подеднакво ги почитува сите земји-членки, работи со нив, а не само да им држи лекции.“

„Ни треба ЕУ што работи помалку, ама подобро, и ни треба рамнотежа помеѓу европското и националното ниво“, рече Захрадил.

Данската политичарка Маргарет Вестагер, која во Европската комисија на заминување ја врши функцијата комесар за компетиција, како приоритет на својата политика ги наведе еднаквоста на жените во ЕУ и во Европската комисија, борбата против климатските промени и заложбата за развој на нови технологии и почитување на владеењето на правото во секојдневниот живот на граѓаните на ЕУ.

Водечкиот кандидат на Европската народна партија и лидер на таа најсилна политичка група во Европскиот парламент, Манфред Вебер, вели дека се залага за силна и демократска Европа и за Европска комисија што ќе биде „блиска со граѓаните“ и ќе се занимава со „конкретните проблеми на граѓаните.“

„Тоа нека биде Европска комисија за нов почеток и нова ера“, порача Вебер.

Шестиот кандидат за позицијата што во моментов ја држи Жан-Клод Јункер, холандскиот политичар и сегашен потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, пред европските социјалдемократи рече дека верува во единството на Европа и повикува на реформи со цел поголема еднаквост, владеење на правото и борба против климатските промени и насилство над жените.

„За кого и да гласате, гласајте! Не им ги давајте својот глас и иднина на друг. Ангажирајте се!“, рече Тимерманс.

Кандидатите за време на дебатата во Брисел зборуваа за различни теми почнувајќи од миграцијата, невработеноста на младите во Европа, климатските промени преку даночната политика и конкурентноста, меѓународната трговија и улогата на ЕУ во светот, до прашањето на популизам, демографскиот јаз, релевантноста на оваа институција и брегзитот.

Во текот на дебатата, кандидатите не ја ни спомнаа темата проширување на ЕУ.

Се очекува Европскиот парламент по европските избори и формирањето на новиот состав на 2 јули да го почне изборот на идниот претседател и на комесарот на Европската комисија, кои се очекува да почнат да работат во ноември.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе