Наскоро обновување на преговорите за разоружување меѓу САД и Русија, Кина ги одбива поканите

САД и Русија ќе ги обноват за две недели преговорите за контролата на вооружувањето, но и понатаму останува актуелна дебатата за улогата на Кина, која ги одбива повиците на Вашингтон.

EPA-EFE

Заменикот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков потврди дека на 22 јуни во Виена ќе се сретне со американската делегација која ќе ја предводи преговарачот Маршал Билингзли.

„Мислам дека тоа е добра вест во многу мрачниот контекст“, оцени рускиот дипломат за време на виртуелната конференција која ја организираше американскиот Совет за надворешни односи.

„Топката е кај Американците, но ние мораме јасно и гласно да слушнеме што сака таа влада, дали оценува дека е можно да направи нешто позитивно, а не само да ги раскинува договорите за заемна контрола и надзор на оружјето“, додаде тој.

Претседателот Доналд Трамп ги повлече Соединетите Американски Држави од три меѓународни договори: оној за иранската нуклеарна програма, договорот за ракетите со краток и среден дострел и договорот Отворено небо, чија цел е да се потврдат воените движења и мерките за ограничување на вооружувањето на земјите потписнички. Во последните два случаи, американскиот претседател, без докази, ја обвини Москва дека ги крши договорите.

Во фокусот на идните американско-руски преговори ќе биде билатералниот договор Нов СТАРТ склучен во 2010, кој истекува на почетокот на 2021, веднаш по крајот на актуелниот мандат на Трамп.

Тој договор се смета за последниот договор за нуклеарното вооружување кој сѐ уште е на сила, а се однесува на задржувањето на арсеналите на двете земји под нивото на кое беа за време на Студената војна.

„Договорот Нов СТАРТ има големи недостатоци во смисла на верификацијата“, предупреди Маршал Билингзли во говор минатиот месец, навестувајќи со тоа тешки преговори.

Трамповата администрација во новите преговори сака да го вклучи и Пекинг. Во мај амбасадорот Билингзли истакна дека Трамп не сака договор кој нема да ја одразува „новата доба“, за да се сврти страницата и да се оддалечи од бинарната логика на Студената војна. Претставникот на американскиот претседател јасно ја обвини Кина дека, „како Русија“, е вклучена во „трката во вооружување“ и дека сака „да ги зајакне своите нуклеарни сили“ за да ги „заплашува САД“ и нивните сојузници.

„Кина неколку пати повтори дека нема никаква намера да учествува во тие наводни преговори за контрола на вооружувањето“, кажа портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг. „Тој став е многу јасен“.

Билингзли веднаш го повика Пекинг повторно да размисли за својот став. „За да добиете статус на велесила, мора одговорно да се однесувате“, предупреди американскиот преговарач, додавајќи дека околу кинескиот арсенал „е кренат голем таинствен ѕид“.

Рјабков вчера кажа дека Москва „не очекува тој став наскоро да се смени“, истакнувајќи дека Русија нема да преземе ништо да да го премисли Пекинг.

„Ќе видиме дали САД мислат дека им се исплати да го продолжат дијалогот со Русија, или кинеското учество за нив е императив“, додаде тој.

А во иднина, напомена, кога ќе се постигне договор за Нов СТАРТ, ќе треба да се рашири дебатата, но и на европските сојузници на Америка кои имаат нуклеарен арсенал, Франција и Британија.

Руските власти го потврдија својот предлог за да се избегне пораз: продолжување на постојниот договор, каков и да е, за следните пет години да се искористат за деблокада на преговорите.

Експертите во Вашингтон и демократите го повикуваат Трамп да го прифати тој предлог за да не се разбуди во трка во вооружување поопасна од кога било.

Но, скептични се за вистинските намери на белата куќа, осомничени дека со кинеското прашање се служи само како изговор да раскине уште еден клучен договор.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе