Граѓанската војна неизбежна?

Насилството од Киев ги запали градовите низ цела Украина (ФОТО+ВИДЕО)

Демонстранти ги напаѓаат полициските и владините објекти низ цела Украина, палејќи згради, расфрлајќи документи и уништувајќи го мебелот. Во западниот град Лвов тие прогласиле своја автономна регионална власт.

Во Лвов се случило едно од најголемите насилства кога неколку илјади млади демонстранти ја зазеле зградата на регионалната управа и ја разрушиле Централната управа за внатрешни работи на градот.

„Извршниот комитет на Регионалниот совет на Лвов – ја презема целосната одговорност за судбината на регионот и на граѓаните“, се вели во соопштението објавено на официјалниот сајт на локалната администрација, откако зградата била заземена. „Народната рада (парламентот) е над сите извршни тела од регионот и апелира до сите државни службеници и до граѓаните да ги извршуваат одлуките и наредбите потпишани од претседателот на радата“, се вели во документот.

Демонстрантите ги превртувале автомобилите паркирани пред централната полициска станица и влегле во канцеларијата на регионалниот јавен обвинител, а со пиштолите што претходно ги заплениле зазеле и неколку полициски станици.

Седиштето на Службата за безбедност на Украина во Лвов било запалено заедно со неколку автомобили паркирани во близина.

Во центарот на Лвов во моментов се градат барикади, а демонстрантите наводно ги копираат толпите во Киев почнувајќи со палење гуми на улиците што водат до центарот на градот.

Демонстрантите фрлале молотови коктели врз полициско-воена база, палејќи една од касарните. Триесет војници биле повредени, од кои пет се пренесени во болница, јави локалната полиција.

Во Ужгород, друг град во западниот дел на Украина, повеќе од илјада демонстранти, главно студенти, ја зазеле зградата на регионалната управа и прогласиле дека таа сега „му припаѓа на народот“.

Околу 300 демонстранти, исто така, ги опколиле седиштата на локалната управа и на полицијата во западниот град Тернопол.

Демонстрантите со тули ги кршеле прозорците во полициската зграда и барале полицајците да заминат од зградата. Кога персоналот се повлекол преку задниот излез, демонстрантите ги бркале по улица фрлајќи камења кон полицајците.

Слично сценарио се случило и во западниот град Ивано-Франковск, каде што полицијата воопшто не направила никакви обиди да ги спречи неколкуте десетици членови на „Десен сектор“ да ја заземат локалната управа.

Минатата ноќ биле нападнати и голем број канцеларии на опозициските партии во неколку града во источна Украина.

Во Харков, неофицијалната престолнина на провладиниот источен дел од земјата, потпалувачите ја запалиле канцеларијата на националистичката Партија на слободата, уништувајќи сè што имало внатре.

Во Харков има и голем број подметнати пожари во автомобили што се сопственост на опозициски активисти. Канцелариите на другите опозициски партии биле нападнати и во други региони со широка провладина поддршка. Молотови коктели биле фрлени во канцелариите на опозициската партија УДАР (на чело со Виктор Кличко) во Днепропетровск и Кривој Рог. Во Одеса и во Полтава провладините активисти ја уништиле канцеларијата на партијата Татковина.

Во меѓувреме, властите на провладината јужноукраинска Автономна Република Крим побарале од претседателот Виктор Јанукович да преземе „решителна акција и итни мерки“ за да им се стави крај на немирите и да се врати уставниот поредок.

Според изјавата на кримските власти, општата мобилизација на која повикаа екстремно десничарските групи е дефинитивен обид да се почне граѓанска војна во Украина.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе