Поради алармот од научниците

„Нашата куќа гори“: Европарламентот прогласи вонредна климатска состојба

Блокот предупреди да не се прават симболични гестови без конкретна акција.

Европскиот парламент прогласи глобална „вонредна состојба за климата и животната средина“ и ги повика сите земји на ЕУ до 2050 година да се посветат на постигнување нула емисии на стакленички гасови.

Научниците денес предупредија дека светот можеби веќе преминал преку низа климатски критични прагови, што резултира со „планетарна вонредна состојба“.

Со намера да ја покаже зелената наклонетост на Европа неколку дена пред клучната конференција на ООН во Мадрид за климата, ова гласање на пратениците го зголемува и притисокот врз Урсула фон дер Лаен, идната претседателка на Европската комисија, која оваа недела изјави дека ЕУ ќе ја предводи борбата против „егзистенцијалната закана“ од климатската криза.

Иако беше усвоена со големо мнозинство, со 429 гласа „за“, 225 гласа „против“ и 19 „воздржани“ - европратениците од целиот политички спектар предупредија да не се прават симболични гестови.

Поборниците за животната средина соопштија дека декларацијата не е придружена со доволно дејство. „Нашата куќа гори. Европскиот парламент го виде пожарот, но не е доволно да се стои на страна и да се гледа“, рече советникот на Гринпис за климатска политика на ЕУ, Себастијан Манг, непосредно пред гласањето.

Со друго гласање во четвртокот европратениците поддржаа резолуција во која се вели дека сегашните климатски цели на ЕУ „не се во согласност“ со Парискиот климатски договор од 2015 година, кој повикува на одржување на глобалното загревање „далеку под“ 2 степени над прединдустриските нивоа, но со цел температурата да се крене максимум за 1,5 степен.

Европратениците поддржаа построга цел да ги намалат емисиите на стакленички гасови за 55% до 2030 година, што претставува подобрување од сегашната цел од 40%, но зелените политичари и поборници тоа го оквалификуваа како несоодветно.

Паскал Канфин, францускиот либерален европратеник што ја подготви резолуцијата за климатска вонредна состојба, рече: „Фактот дека Европа е првиот континент што прогласи вонредна состојба за климата и животната средина, непосредно пред климатската конференција на ОН, кога новата комисија почнува со работа, и три недели откако Доналд Трамп го потврди повлекувањето на Соединетите Држави од договорот од Париз, е силна порака испратена до граѓаните и до целиот свет“.

Европратениците од најголемата група на Европскиот парламент, централнодесничарската Европска народна партија (ЕПП), беа поделени околу терминот „климатска вонредна состојба“. Наместо тоа, групата сакаше да се прогласи „климатска тревога“, бидејќи германскиот термин за „вонредна состојба“, der Notstand, беше непријатен за некои европратеници, затоа што асоцира на закон од нацистичката ера.

Портпаролот на ЕПП за животна средина, Петер Лизе, рече дека климатската вонредна состојба е „лажна дебата“ зад која се криеле вистинските решенија потребни за намалување на емисиите. „Постои тревога за да се дејствува, но нема вонредна состојба за прогласување. Вонредната состојба може да се протолкува и како поткопување на основните права, како слободата на печатот и демократијата“.

Сепак, голем број европратеници на ЕПП им се придружија на либералите, социјалистите, зелените и радикалната левица во изгласувањето на резолуцијата за климатска вонредна состојба.

Говорејќи за Гардијан пред гласањето, шведскиот метеоролог што стана европратеник на Зелените, Пор Холмгрен, рече дека другите политички групи не ја сфатиле тревогата во климатската криза. „Можете да резимирате вака: во моментов се стремиме кон 3 степени, што секако е подобро од 4 степени, но е далеку под 2 степени, тежнеејќи кон 1,5 степен што си го ветивме едни на други и на идните генерации.“

Мрежата за климатски дејства, пак, коалиција од 1.700 невладини организации, предупреди дека земјите-членки до 2030 година ќе треба да ја надминат постојната цел на ЕУ за да бидат во чекор со Парискиот договор.

Во моментов ЕУ има цел да ги намали емисиите на стакленички гасови за 40% до 2030 година наспроти нивото од 1990 година, цел што мрежата ја опиша како „шокантно недоволна“. За да се исполни таа цел - која во гласањето европратениците ја прогласија за несоодветна - земјите-членки на ЕУ мора до крајот на годинава до Брисел да достават планови во кои е претставена нивната енергетска трансформација во текот на следната деценија.

Според процената на нацрт-плановите од Мрежата за климатско дејство, постои „недоволна амбиција“ за префрлање на обновливи извори на енергија, за заштеда на енергија и за постепено исфрлање на јагленот.

Во извештајот се истакнува дека е постигнат напредок откако земјите ги доставиле своите првични планови во 2018 година. Оттогаш, Грција, Унгарија и Словачка се согласија до 2030 година да го исфрлат јагленот од своите енергетски сектори. Тоа значи дека во 2030 јагленот ќе биде концентриран во пет земји-членки на ЕУ: Бугарија, Чешка, Германија, Полска и Романија.

Другите земји се неамбициозни, вели Гардијан, особено Белгија, која не изложи ниеден нов план за обновлива енергија или за заштеда на енергија, поради долгогодишниот политички ќор-сокак што резултираше со привремена влада последнава скоро една година. Франција, Германија и Шведска се меѓу многуте земји што беа критикувани дека не направиле доволно за да ги исфрлат од употреба фосилните горива.

Во истражувањето се истакнува дека климатските активисти во Унгарија и Романија немаат „пристап до официјалните информации“ за промените во климатските и енергетските планови на владата.

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе