Најсмртоносен ден во Австралија од избувнувањето на пандемијата

Австралија денеска се соочува со најсмртоносниот ден од почетокот на избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, бидејќи ширењето на сојот омикрон продолжи да ги зголемува стапките на хоспитализација на рекордно ниво, и покрај падот на дневниот број нови инфекции.

Фото: ЕПА

Во Австралија денеска се регистрирани вкупно 77 смртни случаи, што го надмина претходниот национален максимум од 57 смртни случаи регистрирани минатиот четврток, покажаа официјалните податоци, пренесува Ројтерс.

„Денеска е многу тежок ден за нашата земја“, рече премиерот на Нов Јужен Велс, Доминик Перо, на прес-конференција, откако таа австралиска држава објави 36 смртни случаи, што е новиот максимум од почетокот на пандемијата.

Само четворица од починатите од ковид во таа држава примиле бустер-доза од вакцината против ковид-19, поради што здравствените власти апелираа граѓаните што поскоро да добијат дополнителна доза.

Од оние што починале во Нов Јужен Велс, 33 примиле две дози од вакцината.

„Треба да се има чувство на итност во прифаќањето на бустер-дозата“, рече главниот здравствен директор во Нов Јужен Велс, Кери Чант.

„За омикрон, знаеме дека заштитата е помала и ни треба тоа наредно засилување за да го добиеме тоа повисоко ниво на заштита“, додаде Чант.

Во услови на зголемен број хоспитализации, државата Викторија денеска прогласи „браон-код“ во болниците, што ќе им даде на болниците овластување да ги откажуваат неургентните здравствени услуги.

„За да им помогне на државните болници да се справат со новата ситуација, федералната влада активираше план за приватните болници да обезбедат до 57.000 медицински сестри и повеќе од 100.000 вработени во областите погодени од омикрон“, рече австралискиот министер за здравство Грег Хант.

Официјалните лица велат дека повеќето пациенти на интензивна нега се заразени со сојот омикрон и дека невакцинираните млади луѓе сочинуваат „значителен број“.

Државата Квинсленд објави дека ниту еден од денешните 16 смртни случаи во таа држава не добил дополнителна доза од вакцината.

Од 45 лица што починале во државата од 13 декември, само еден имал добиено трета доза.

Во Австралија денеска беа пријавени околу 73.000 нови инфекции, што е помалку од 150.000 минатиот четврток.

Австралија досега има пријавено околу 1,6 милион инфекции со коронавирусот од почетокот на пандемијата, од кои околу 1,3 милион се регистрирани во последните две недели.

Вкупниот број на починати достигна 2.776.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе