Најмалку 3 мртви на аеродромот во Кабул додека цивилите се обидуваа да избегаат од Авганистан (ВИДЕО)

Најмалку три лица загинаа на аеродромот во Кабул додека цивилите се обидуваат да избегаат од талибанското владеење, објавија светските медиуми. Американските сили што го чуваа аеродромот пукаа во воздух за да ја растераат гужвата на пистата.

Фото: ЕПА

На видеата објавени утрово на социјалните медиуми се гледаат анархични сцени на Меѓународниот аеродром во Кабул, на кои луѓе се обидуваат да се качат во авион и да избегаат од земјата додека во заднината се слушаат рафални истрели.

Најмалку три лица се убиени во близина на патничкиот терминал на аеродромот, објави Волстрит џурнал. На вознемирувачка снимка објавена на социјалните мрежи се гледа како три тела лежат на земја веднаш пред зградата, најверојатно како последица на паничното стампедо.

Американски функционер за Ројтерс изјави дека американските војници задолжени да го обезбедуваат аеродромот утрово пукале во воздух за да ги одвратат стотиците Авганистанци што во паника навалија на пистата.

„Толпата беше надвор од контрола“, рече официјалниот претставник, додавајќи дека „се пукаше само за да се смири хаосот“.

Според Џурнал, американските маринци испукале предупредувачки истрели доцна вечерта во неделата, откако десетици Авганистанци упаднале на аеродромот и се обиделе да се качат на воениот транспортен авион Ц-17.

Американските војници беа испратени на аеродромот за да помогнат во евакуацијата на дипломатскиот персонал и странските државјани со седиште во главниот град на Авганистан.

Хаосот следува по немирната ноќ во градот, кога на аеродромот нагрнаа цивили со надеж дека ќе си обезбедат лет надвор од земјата. На снимките објавени на социјалните медиуми доцна вечерта во неделата се гледаа луѓе како трчаат на аеродромот додека се слушаат истрели.

Некои медиуми, цитирајќи високи американски воени претставници, подоцна објавија дека патничките летови на аеродромот се прекинати поради пукањето.

Илјадниците Авганистанци што се обидоа да го напуштат главниот град предизвикаа огромен сообраќаен метеж во неделата, додека новинарите и странските државјани јавуваа дека е невозможно да се излезе од градот.

Поради сликите на американските воени хеликоптери што го одвезуваат персоналот на американската амбасада надвор од Кабул многу експерти и набљудувачи ја споредија хаотичната евакуација со повлекувањето на САД од Сајгон, Виетнам, во 1975 година.

Претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата неколку часа откако талибанците во неделата го опколија Кабул. До крајот на денот, милитантите ја контролираа целата земја, по офанзивата што се совпадна со повлекувањето на коалицијата предводена од САД по речиси 20 години војна.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе