Северна Ирска

Најлошото насилство во Белфаст во последните 20 години (ВИДЕО)

И покрај повиците за смирување од Лондон, Даблин и Вашингтон, ново насилство избувна во четвртокот вечерта во Северна Ирска, која ја тресат досега невидени немири во последните неколку недели.

Фото: ЕПА

Во Белфаст специјалната полиција се соочи со републиканските демонстранти и беше нападната со камења и молотови коктели додека се обидуваше да ја спречи толпата да се упати кон унионистите, пренесува Франс прес.

Веќе една недела британската покраина ја тресат конфликти невидени од 1998 година, при што проектили летаа кон силите на редот и беа запалени возила, претежно во областите со протестантско мнозинство.

Досега во насилствата се повредени над 50 полицајци. За три децении, 3.500 луѓе се убиени во судирите меѓу републиканците, претежно католици што се приврзаници на обединувањето со Ирска, и протестантските унионисти, жестоки поддржувачи на припадноста кон Велика Британија.

Нови насилства избувнаа иако во текот на денот британскиот и ирскиот премиер повикаа на смиреност, придружувајќи се на повиците на лидерите на Северна Ирска, и унионисти и републиканци, кои го осудуваат „неприфатливото“ насилство, во атмосфера на напнатост и незадоволство од брегзитот.

Пред вонредната седница на локалниот парламент, владата на Северна Ирска, составена од унионисти и републиканци, издаде заедничко соопштение во кое го осуди насилството како целосно „неприфатливо и неоправдано“ и повика на прекин на „нападите врз полицијата, јавните служби и (северноирската) заедница“.

Борис Џонсон, кој на самото место го испрати својот министер за Северна Ирска Брендон Луис, попладнето разговараше со својот ирски колега Мајкл Мартин.

Нагласувајќи дека насилството е неприфатливо, тие повикаа на смиреност. „Мора да напредуваме со разговор и работа на институциите иницирани со договорот на Велики петок“ (со кој му се стави крај на конфликтот во 1998 година), рече Даблин.

Белата куќа исто така повика на смиреност и истакна дека е „загрижена“ за насилството, додека Џо Бајден, горд со своето ирско потекло, веќе изрази загриженост за последиците од брегзитот врз мирот во покраината.

„По Договорот на Велики петок владее привиден мир“, рече жителката Фиона Мекмахон. „Немирите се длабоко вкоренети, и тоа не само поради брегзитот“, додаде таа и оцени дека „премиерот Борис Џонсон нема што да прави тука“.

Брегзитот ја ослабе кревката рамнотежа во покраината со воведувањето царински контроли меѓу Велика Британија и Европската Унија.

 

Што се крие зад новото насилство?

Насилството, во кое се вклучени дури и банди од 12-годишници, почна на 29 март во лојалистичката област Лондондери, каде што мнозинството од населението ја поддржува Северна Ирска како дел од Велика Британија. Оттогаш протести и немири се одржуваа скоро секоја вечер во голем број градови, вклучувајќи ги Белфаст, Карикфергус, Балимена и Њутаунаби.

Во немирите, претежно млади лојалисти фрлаа тули, петарди и запаливи бомби кон полицајците и возилата. Но немирите во средата прераснаа во секташки судири околу таканаречениот мировен ѕид во Западен Белфаст, кој ги одделува мнозинските протестантско-лојалистички заедници од мнозинските католичко-националистички, кои се залагаат за обединета Ирска. Вратата што ги дели е искршена, а за време на повеќечасовните немири беа нападнати полицаец и фоторепортер, а еден автобус беше одземен и запален.

Делови од Северна Ирска и натаму се секташки поделени 23 години откако мировниот договор во голема мера го запре конфликтот во Северна Ирска, кој траеше скоро 30 години и однесе повеќе од 3.500 животи.

Иако нема јасни знаци дека немирите се организирани, насилството е концентрирано во областите каде што криминалните банди поврзани со лојалистичките паравоени формации имаат значително влијание. Има сè повеќе докази дека водачите на организациите како што се Улстерската одбранбена асоцијација и Улстерските доброволни сили дозволуваат немирите да продолжат.

Аналитичарите посочуваат дека лојалистичката паравоена организација Југоисточен Антрим УДА може да ја искористи можноста и да ѝ го возврати ударот на северноирската полиција по неодамнешната акција против криминалот во областа околу Карикфергус. Оваа паравоена група е вклучена во многу форми на организиран криминал и, според полициски извори, ѝ прави „неверојатна штета на заедницата и шири страв во соседството“.

 

Каква врска има тоа со брегзитот?

Водачите на унионистите го поврзаа насилството со растечките лојалистички тензии околу границата во Ирско Море, кои настанаа како резултат на договорот меѓу Велика Британија и Европската Унија по брегзитот. Новата трговска граница е резултат на Северноирскиот протокол, воведен за да се избегне воспоставување тврда граница на ирскиот остров. Протоколот значи дека Северна Ирска останува на единствениот пазар на стоки на Европската Унија, така што производите што доаѓаат во Северна Ирска од Велика Британија се подложени на увозни процедури за Европската Унија. Со тоа се избегнува потребата од контрола на ирските граници, а царинските правила на ЕУ наместо тоа се спроведуваат во северноирските пристаништа. Унионистите тврдат дека ова ѝ штети на трговијата и ја загрозува позицијата на Северна Ирска во Велика Британија.

Во јануари, графити против границата со Ирско Море се појавија на ѕидовите во некои лојалистички области, како што се делови од Бангор, Белфаст, Гленгормли и Ларн, едно од главните пристаништа во Северна Ирска. Контролите поврзани со брегзитот привремено се прекинати поради закани кон пристанишните работници во Ларн и Белфаст, иако полицијата соопшти дека нема докази за веродостојни закани.

Во март една група во која беа и претставници на лојалистичките паравоени групи му пиша на британскиот премиер Борис Џонсон да ја повлече поддршката за Договорот на Велики петок, договор од 1998 година со кој му се стави крај на конфликтот во Северна Ирска. И Советот на лојалистички заедници исто така објави дека привремено ја повлекува поддршката за договорот поради загриженост околу царинскиот протокол.

Некои унионистички лидери придонесоа за насилството одлучувајќи да не ги гонат лидерите на Републиканската партија Шин Фејн за прекршување на епидемиолошките прописи за време на погребот на поранешниот разузнавачки шеф на Ирската републиканска армија (ИРА) во јуни минатата година. На погребот на Боби Стори се собраа околу 2.000 ужалени, меѓу кои и заменик-премиерката на Северна Ирска Мишел О'Нил, во време кога сè уште имаше строги ограничувања поради ковид-19 во однос на ограничувањето на бројот на луѓе на јавни собири.

Многумина негодуваа што О’Нил не ги следела упатствата на кои инаку јавно инсистираше и за кои минатото лето беа откажани лојалистичките паради. Некои ја обвинија полицијата за двојни аршини, откако јавното обвинителство објави дека нема да има кривични пријави. Иако заменик-премиерката и лидерка на Демократската унионистичка партија (ДУП) изјави дека не се согласува со таа позиција, таа сепак го повика директорот на полицијата во Северна Ирска, Симон Брн, да даде оставка.

Брн рече дека го разбира незадоволството на јавноста, но одби да отстапи. Повикувајќи на прекин на уличните немири во средата вечерта, Брн рече дека е отворен за дијалог со секој што е спремен да работи на решавање на проблемите со кои се соочува северноирската заедница. Обраќајќи им се на бунтовниците, Брн напиша на Твитер: „Одете дома пред некој да биде сериозно повреден. Насилството не е одговор.“

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе

Овде нема такво нешто. Има некои чинители што се занимаваат со испишување црвени линии. Не им значи ништо фактот што токму под ова гесло е овозможен најдолготрајниот мир на европскиот континент.

повеќе