Најлошата суша во последните 500 години

Годинешнава суша во Европа веројатно е најлошата во последниот половина милениум. Ова се првите проценки на Европската опсерваторија за суша, кои допрва треба да се потврдат со конечните податоци на крајот од сезоната, изјави портпаролот на Европската комисија.

Фото: ЕПА

Во извештајот се наведува дека на речиси половина од континентот му се заканува суша. Состојбата е алармантна на 17 отсто од површината, а тоа, според експертите, негативно се одразува на приносите на летните култури. Најпогодени се пченката, сојата и сончогледот.

Тешката суша, која од почетокот на годината зафати многу региони во Европа, се влоши во август. Според експертите, сушата е поврзана со постојаниот недостиг од врнежи во комбинација со серијата топлотни бранови од мај до денес. Тоа влијае и на реките. Намаленото количество вода доведе до значителни нарушувања во енергетскиот сектор, како во работата на хидроцентралите, така и во системот за ладење на електраните, се вели во извештајот.

Ризикот од суша е особено висок во Италија, Шпанија, Португалија, Франција, Германија, Холандија, Белгија, Луксембург, Романија, Унгарија, Србија, Украина, Молдавија, Ирска и Велика Британија, се вели во извештајот. Состојбата најмногу се влоши во регионите што пролетта беа погодени од суша, а во западен Медитеран, според прогнозите, ноември најверојатно ќе биде потопол и посув од вообичаеното.

На лоши приноси се жалат и земјоделците во Германија. Претседателот на Здружението на земјоделци, Јоаким Руквид, вели дека има големи регионални разлики поради различните количества врнежи.

Оваа година се очекуваа околу 43 милиони тони жито, нешто повеќе отколку во 2021 година, но жетвата повторно беше под просекот од изминатите осум години, соопшти Здружението на фармери врз основа на прелиминарните податоци. Сушната 2018 година не е вклучена во оваа статистика.

Сепак, вели Руквид, има причини за оптимизам кога се во прашање јаболката. Таму се очекува натпросечна реколта. А кога станува збор за виното, Здружението очекува „одлична жетва во 2022 година“.

Крив е човекот

Експертот за земјоделство од Светскиот фонд за природата (ВВФ) Јохан Ратке истакнува дека сето тоа има „човечки причини“.

Екстремната суша е последица, вели тој, на климатската криза.

„Дури и последните кочничари треба да се уверат дека ефективната заштита на климата и животната средина конечно ќе стане составен дел на земјоделството. Ова е единствениот начин да се обезбеди снабдување со храна на долг рок“, вели Ратке.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе