Стравувајќи од насилни протести, повеќе од десетина држави ги активираа единиците на Националната гарда за да помогнат во обезбедувањето на владините згради во главните градови по предупредувањето на ФБИ за оружени протести, откако десните екстремисти се охрабрија од нападот врз американскиот Конгрес во Вашингтон на 6 јануари.
Безбедносните службеници сметаа дека вчерашниот ден ќе биде првото големо жариште, бидејќи антивладиното движење Бугалу пред неколку недели планираше на тој ден да одржи митинзи во сите 50 држави.
Но до синоќа само мали групи демонстранти беа на улиците, со мноштво припадници на полицијата и на медиумите.
„Денес немаше настани и драго ни е што помина на тој начин“, рече Трој Томпсон, портпарол на Одделот за општи работи, агенцијата што го штити Пенсилванија Капитол во Харисбург.
Десетици илјади припадници на Националната гарда и агенциите за спроведување на законот се распоредени во главниот град Вашингтон во последните неколку дена за да ја зајакнат безбедноста пред церемонијата в среда, кога новоизбраниот демократски претседател Џо Бајден ќе го наследи републиканскиот претседател Доналд Трамп.
Сликата на Вашингтон како тврдина ја поткопа американската гордост поради традиционално мирниот трансфер на власта.
Нејасно е до кој степен вчера предупредувањата на ФБИ и силното безбедносно присуство низ целата земја ги натераа демонстрантите да ги откажат плановите.
Некои милиции и екстремистички групи им порачаа на приврзаниците да останат дома, предупредувајќи на зголемена безбедност или ризик дека планираните настани се стапица за спроведување на законот.
Во Харисбург се појавија само неколку приврзаници на Трамп, а слична мала група од десетина демонстранти, од кои неколкумина беа вооружени со пушки, се собраа во главниот град на Мичиген, Лансинг.
Засилувањата на националната безбедност следуваа по нападите на екстремистите и приврзаниците на Трамп врз Конгресот на САД во Вашингтон, од кои некои бараа смрт на потпретседателот Мајк Пенс, додека тој претседаваше со потврдувањето на изборната победа на Бајден.
ФБИ и другите федерални агенции предупредија на можноста за насилство во деновите пред инаугурацијата на Бајден в среда, додека поборниците за превласт на белите и други екстремисти сакаат да ја искористат фрустрацијата меѓу приврзаниците на Трамп што веруваат во неговите лаги за изборни измами.
Центарот на Вашингтон во неделата беше град на духови. Вооружени војници на Националната гарда во маскирни униформи беа стационирани на контролните пунктови во центарот на градот, кои беа затворени за сообраќај со големи воени возила распоредени за блокирање на улиците.
Улиците околу Градското собрание на Вирџинија во Ричмонд беа опкружени со полициски барикади и главно празни, со само неколку полицајци и новинари.
Привремените огради го блокираа јавниот влез во зградата пред денешниов ден, кој е традиционален „Лоби-ден“, за јавноста да ги сподели ставовите со државното законодавство.
Групата за застапување на оружјето од Вирџинија и движењето Бугалу објавија дека планираат да одржат протести на годинашниов Лоби-ден.