На американски носач на авиони 100 заразени: Не сме во војна, морнарите не мора да умрат

Капетанот на американскиот носач на авиони Теодор Рузвелт, со повеќе од 4.000 членови на екипаж, повика итна помош поради епидемијата на коронавирусот на неговиот брод.

„Не сме во војна, морнарите не мора да умрат. Ако веднаш не делуваме, не сме се погрижиле за највредното што го имаме - нашите морнари“, напиша капетанот Брет Крозиер во писмото испратено до Пацифичката флота на американската морнарица, јави Си-ен-ен.

„Ширењето на болеста е во тек и забрзува“, додаде Крозиер.

Тој препорача целиот екипаж да биде ставен во карантин.

„Потребни се одлучни акции. Извлекување на дел од персоналот од нуклеарниот носач на авиони и нивно изолирање на две недели може да изгледа како вонредна мерка. Но, тоа е неопходно за безбедноста на нашите морнари“, напиша тој, додавајќи дека е непотребен ризик на бродот да се задржат над 4000 млади мажи и жени.

Писмото на капетанот прво го објави Сан Франциско кроникл. Според весникот, најмалку стотина морнари се заразени со вирусот.

Крозиер во писмото исто така изјави дека и покрај ситуацијата со коронавирусот, бродот е подготвен за борба.

„Кога би било потребно, Рузвелт би можел да ги земе сите назначени морнари, да отплови и да биде подготвен да се бори и да го победи секој противник кој се осмелува да ги предизвика САД или сојузниците“, напиша Крозиер.

Крозиер го заврши писмото велејќи дека е свесен за тешкотиите во пронаоѓање индивидуално сместување за членовите на екипажот.

„Тоа ќе бара политичко решение, но тоа е правилно да се направи“, напиша Крозиер.

Рузвелт е повлечен во Гуам кон крајот на минатата недела, откако неколку морнари биле позитивно тестирани на ковид-19. Две недели откако бродот го посетил Да Нанг во Виетнам, земја во која има случаи на коронавирус.

Морнарицата веќе не го пријавува бројот на случаи позитивни на ковид-19 на своите бродови.

Пентагон во понеделникот рече дека нема да го објавува бројот на случаи на ковид-19 во базите или по географските регион. Наместо тоа, воените служби и Министерството за одбрана го објавуваат вкупниот број случаи низ целиот свет.

Во изјавата во вторникот, морнарицата потврди дека писмото е испратено до раководството на Пацифичката флота.

„Раководството на морнарицата забрзано ќе ги преземе сите неопходни мерки за да се обезбеди здравјето и безбедноста на екипажот на УСС Теодор Рузвелт“, изјави поморски службеник во изјава по емаил.

Флотата „ги спроведува опциите“ што Крозиер ги наведува во писмото, изјавил официјалниот претставник.

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе