Според научниците

Мутациите веројатно ќе го направат коронавирусот обична настинка

Новиот бран на зарази во Кина се чини дека е поврзан со мутација на коронавирусот - но нема потреба за паника. САРС-КоВ-2 може да мутира и да почне да предизвикува една обична форма на ринитис - позната и како течење нос, вели Дојче веле.

Она што го прави развојот на успешна вакцина или лек против новиот коронавирус толку тежок е фактот дека вирусот постојано се менува со текот на времето. По шест месеци пандемија истражувачите низ целиот свет веќе имаат регистрирано 100 различни варијанти на САРС-КоВ-2.

Ова е нормално, бидејќи генетскиот материјал на вирусите постепено мутира, создавајќи нови поттипови. Овие мутации може да ги променат и карактеристиките на вирусот и да предизвикаат оригиналниот вирус или да ослабне или да стане поагресивен.

Овие различни варијанти објаснуваат и зошто еден вирус може да предизвика бранови на зараза со различна сериозност во одредени региони во светот и зошто инфекциите може да напредуваат многу различно кај различни луѓе.

Страв од втор бран во Кина

Кина, земјата каде што почна пандемијата, главно успеа да го стави под контрола ширењето на САРС-КоВ-2 со строги забрани на движење. Во изминатите неколку недели речиси сите новозаразени беа луѓе што се вратиле од странство.

Сепак, сега, во некои провинции повторно се регистрирани нови инфекции, а овојпат тие очигледно се случиле во самата Кина.

Првичните тестови покажаа и дека низ Кина сега кружи нова варијанта на вирусот. САРС-КоВ-2 што сега е најден во Пекинг благо се разликува од типот што претходно ја погоди Кина, вели Зенг Гуан, епидемиолог во кинеската здравствена служба за Глобал тајмс. Резултатите сега треба да се споредат со анализите од други земји со цел да се открие потеклото на вирусот.

Како доаѓа до мутациите?

За да се размножат, вирусите користат клетка-домаќин. Кога вирусите ќе заразат таква клетка-домаќин, тие во неа ги вбризгуваат своите генетски информации. Како резултат на тоа, клетките во телото размножуваат милиони копии на вирусот. Сепак, во секоја од овие репродукции се појавуваат мали грешки при копирањето. Секоја од овие грешки го менува и генетскиот код на вирусот - тој мутира.

Сè уште не е со сигурност разјаснето каде и како првпат се појавил новиот коронавирус кај луѓето. Досега, истражувачите претпоставуваа дека првите мутации се рашириле во Вухан, Кина. Протеинот со кој вирусот се прикачува на клетките веројатно мутирал кај животното-домаќин, можеби лилјак, панголин или тануки. Оваа мутација овозможила вирусот да се пренесе и во човечките клетки.

Обично, човечкото тело е способно да се заштити од вакви вируси. Тоа произведува антитела што го бранат од вакви напади на вируси и го прават имуно.

Меѓутоа, ако вирусот веќе мутирал и антителата што се создале се програмирани на некоја негова постара верзија, тогаш овие антитела се значително помалку ефикасни.

Токму затоа ние редовно повторно добиваме настинки и течења нос. Иако нашето тело веќе произвело антитела за последниот вирус, сè уште нема направено нови антитела за да се бори со новиот мутиран вирус.

Дали мутациите се опасни?

Има многу знаци дека новиот бран зарази во Кина се поврзани со нова мутација, бидејќи овојпат симптомите се развиваат побавно.

Сепак, нема причина за паника, бидејќи мутациите не мора да го направат вирусот поопасен. Всушност, некои мутации можат значително да го ослабат вирусот. 

Кристијан Дростен од болницата Шарите во Берлин секоја мутација на новиот коронавирус ја гледа во сосема позитивно светло. Тој верува дека таа ќе овозможи вирусот „уште подобро да се размножува во носот и уште поуспешно да се пренесува“, вели Дростен, посочувајќи на низа неодамнешни студии.

Мутацијата што првенствено ја погодува зоната на носот може да му овозможи на вирусот подобро да се размножува, нешто што „предизвикува епидемиите на вируси со текот на времето да стануваат сè побезопасни“, вели Дростен во својот поткаст за германски НДР.

Преку мутирање до целосно исчезнување

Мутациите дури може да предизвикаат вирусот до толку да ослаби што на крај комплетно да исчезне, како што беше случај со вирусот на тешкиот акутен респираторен синдром (САРС).

Почнувајќи од ноември 2002 година, првата пандемија на САРС за неколку недели се прошири од јужна Кина на речиси сите континенти. Како прва пандемија во 21 век, таа предизвика голем страв кај светското население. Сепак, САРС за шест месеци низ целиот свет одзеде само 774 животи. 

До летото 2003 бројот на новозаразени веќе драстично се намали, а во мај 2004 СЗО прогласи крај на пандемијата.

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе