Нова студија

Можно е вирусот да се ширел низ САД порано отколку што се мислеше

Новиот коронавирус може да кружел во Соединетите Држави веќе во декември минатата година, околу еден месец порано отколку што сметаше американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), откриле истражувачите на УЦЛА.

Фото: ЕПА

Нивната студија, објавена минатиот четврток во „Журнал за медицинско истражување на интернет“, откри статистички значително зголемување на посетите на клиниките и болниците на пациентите со респираторни заболувања веќе на 22 декември. Се сметаше дека првиот познат случај на ковид-19 во САД е пациент од Вашингтон што беше во кинескиот град Вухан. Неговиот случај беше пријавен во јануари, пишува Си-ен-ен.

Д-р Џоан Елмор и нејзините колеги прегледале скоро 10 милиони медицински досиеја од УЦЛА-здравствениот систем, кој вклучува три болници и 180 клиники. Елмор вели дека потрагата почнала откако во март добила голем број имејлови од вознемирени пациенти во кои ја прашуваат дали кашлица од јануари може да е знак на ковид-19.

„Меѓу амбулантните пациенти открив 50% зголемување на бројот на пациентите што се жалат на кашлица. Се покажа дека во тој период имало 1.000 пациенти повеќе од просекот“, изјави Елмор за Си-ен-ен.

Бројот на посетите во итната служба на пациенти поради респираторни проблеми, како и бројот на лицата со акутно затајување на дишниот систем, се зголемил од декември 2019 година до февруари 2020 година во споредба со податоците од последните пет години. Зголемувањето на бројот на случаите почна во последната недела од декември.

„Некои од тие случаи може да му се припишат на грипот или на други причини, но ова зголемување на бројот на случаите, дури и кај амбулантните пациенти, е значително“, вели Елмор.

Таа верува дека истражувањето покажува дека податоците за ваквите болести, собирани во реално време, можат да им помогнат на јавноздравствените работници во рана идентификација и следење на епидемиите и потенцијално да го забават или да го запрат ширењето на болеста.

Д-р Клаудија Хоен, специјалистка за заразни болести на Медицинскиот центар во универзитетската болница Кливленд, која не работеше на студијата, вели дека е можно ковид-19 да се појавил во САД многу порано отколку што се мисли. Но професорот по имунологија и микробиологија на Скрипс рисрч Кристијан Андерсен не се согласува.

„Од генетските податоци за САРС-КоВ-2 знаеме дека пандемијата почна кон крајот на ноември или почетокот на декември во Кина, така што нема апсолутно никакви шанси вирусот да се проширил во декември 2019 година. Од истите генетски податоци знаеме дека ширењето низ САД не е почнато пред февруари 2020 година. Овој труд се занимава со лажни сигнали, а хоспитализациите најверојатно се должат на грип и други респираторни заболувања“, напиша Андерсен за Си-ен-ен.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

повеќе