Можна истрага против Борисов поради закана дека ќе „запали“ европратеничка

Европратеничката Елена Јончева бара истрага за снимка на човек со глас како Бојко Борисов.

Бугарска европратеничка побара истрага откако се појави аудиоснимка на маж што звучи како премиерот на Бугарија Бојко Борисов, кој на снимката ветува дека ќе ја „запали“.

Елена Јончева, поранешна новинарка што е ангажирана во кампања за разоткривање на владината корупција, рече дека јавниот обвинител треба да ја разгледа седумминутната снимка, која веќе ја слушнале повеќе од милион Бугари, бидејќи анонимно е објавена на Јутјуб и на други социјални медиуми.

Борисов ја доведе во прашање автентичноста на снимката, која наводно е снимена во април, со различни искази дека е „длабоко лажна“, дека е дело на имитатор и дека е збир од уредувани клипови. Тој рече дека нема да побара истрага затоа што „не постои такво нешто како лош публицитет“, пренесува Гардијан.

Бугарија е најкорумпираната земја во ЕУ, според Транспаренси интернешнел, а исто така и најсиромашната од 27 земји-членки.

Борисов, кој претходно му беше телохранител на бугарскиот комунистички лидер Тодор Живков, е премиер повеќе од 10 години, период во кој неговата централно-десничарска влада се соочи со низа корупциски скандали.

Неодамна самиот Борисов мораше да ги негира тврдењата за вмешаност во меѓународно перење пари, откако шпанскиот весник „Ел Периодико“ објави дека каталонската полиција го испитувала за тврдења што прва ги објавила Јончева.

Во снимката, која излезе на 12 јуни, се слуша човек што звучи како Борисов како разговара за партиски и владини работи, а потоа посочува дека е спремен да го жртвува својот министер за економија, Александар Манолев, за неодамнешниот скандал во кој се вклучени злоупотребени средства на ЕУ, ако може „да ја запали Елена Јончева“. Подоцна Манолев беше обвинет под сомнение дека користел средства од ЕУ за да си изгради замок.

Снимката се појави непосредно пред до медиумите да бидат испратени фотографии на Борисов како спие со пиштол на масичката крај креветот и фиока полна со пари и злато.

Тој призна дека фотографијата на која спие во премиерската резиденција може да е реална, но сугерираше дека сликата со парите е монтирана. Тој, исто така, го обвини претседателот на Бугарија, Румен Радев, негов политички ривал, дека користел дрон за да го фотографира. „Тој ја премина линијата“, рече Борисов. Радев го отфрли обвинението како фантазија.

Јончева, член на бугарската Социјалистичка партија, која го поддржува Радев, рече дека бугарското обвинителство треба да ги испита снимките и фотографиите, но таа не е уверена дека таквата истрага ќе биде темелна.

Снимката е направена пред изборите во Европскиот парламент на кои се кандидираше Јончева.

Некои бугарски медиуми ја вмешаа Јончева во скандал дека таткото на некогашното нејзино момче легално добил средства од ЕУ од истата програма што доведе до обвиненијата против министерот, меѓу другите.

Јончева рече: „Не го познавав. А тогаш бев новинар, па не можев да користам политичко влијание. Но тоа беше за време на предизборната кампања за Европскиот парламент, па тие се обидоа да го искористат ова за да ме клеветат“.

Таа рече дека скандалот го истакнал лошото владеење во Бугарија. „Се плашам: кога ќе го слушнете премиерот како вели дека ќе ве запали, секако дека се плашам“.

Таа додаде: „Премиерот не даде јасна изјава откако таа беше емитувана. Тој одржа долга прес-конференција. Еднаш рече дека тоа е неговиот глас, потоа рече дека станува збор за имитатор, а потоа дека снимката е уредувана. Верувам дека е важно канцеларијата на бугарскиот обвинител да ја испита оваа снимка.“

„Слушавме на снимката за уништување политички противници за време на кампањата за Европскиот парламент и споменување на моето име како некој што треба да биде запален. Гласот, веројатно на бугарскиот премиер, вели дека ќе го здроби сопственикот на компанијата. Сакам да му го здробам лицето. Проблемот е што не сум во прашање јас или една компанија, проблемот е во тоа како се управува оваа земја“.

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе