Украински напад со беспилотно летало врз две руски воздушни бази во регионите Рјазан и Саратов резултираше со смрт на тројца војници и мала штета на два авиони, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.
Одреден број млазни беспилотни летала „од советско производство“, кои летаа на мала височина, ги гаѓаа стратегиските авијациски средства со долг дострел на аеродромот Дјагилево во регионот Рјазан и аеродромот Енгелс во регионот Саратов, соопшти Министерството. Иако тие беа откриени и соборени од противвоздушната одбрана, остатоците ги погодија аеродромите „малку“ оштетувајќи два авиони.
Тројца војници се „смртно погодени“, додека четворица се пренесени на лекување во воените болници.
„Терористичкиот чин“ воопшто не ја наруши работата на руската стратегиска авијација, додаде Министерството, истакнувајќи дека во понеделникот попладне по локално време бил извршен „масовен удар“ врз украинските енергетски, одбранбени, комуникациски и воени командни центри. Според Москва, нападите успешно го прекинале железничкиот транспорт на украинските војници, оружјето, опремата и муницијата испорачана од странство до првите линии на фронтот.
„Погодени се сите 17 зададени цели“, соопшти Министерството.
Информациите објавени во руските медиуми и видеото објавено на социјалните мрежи покажаа дека во рано утрово се случила експлозија во воздухопловната база Енгелс-2 во руската област Саратов, каде што се наоѓаат бомбардери Ту-95, кои учествуваа во нападите со крстосувачки ракети против Украина.
Другата експлозија се случи во воена воздушна база во близина на градот Рјазан, на помалку од 250 километри од Москва. Тројца загинаа, а петмина се ранети по експлозија на камион со гориво, јавија руските државни медиуми. И во таа база има и бомбардери со долг дострел Ту-95 и Ту-22М.
Причината за двете експлозии не е потврдена.
Но База, руски медиум со извори во безбедносните служби, објави дека рускиот аеродром во Енгелс бил нападнат со заталкана муниција, чија цел била пистата на воздухопловната база. Астра, друг независен руски медиум, тврди дека во експлозијата биле оштетени два бомбардери Ту-95 со нуклеарни капацитети. Ниту еден од нив не посочи извор за својата информација.
Кремљ соопшти дека Владимир Путин бил информиран за инцидентите. Локалните власти во регионот Саратов соопштија дека безбедносните служби ги истражуваат извештаите за експлозијата во воздухопловната база Енгелс.
Според извештаите од украинска мониторинг-агенција, Русија испорачувала крстосувачки ракети до воздухопловната база Енгелс и префрлала авиони во воздухопловната база Рјазан како подготовка за нов напад против Украина.
За Украина не е познато дека располага со муниција што би ѝ овозможила да нападне стотици километри подалеку од линијата на фронтот на конфликтот, иако има извештаи за такви беспилотни летала во развој.