Според претседателот на Еквадор

Морено: Асанж проба да ја користи амбасадата како центар за шпионирање

Џулијан Асанж неколку пати ги прекрши условите за азил и се обиде еквадорската амбасада во Лондон да ја користи како „центар за шпионирање“, рече Ленин Морено, претседателот на Еквадор, во интервју за Гардијан.

Ленин Морено рече и дека од Велика Британија добил официјална писмена потврда дека основните права на Асанж ќе бидат почитувани и дека тој нема да биде екстрадиран некаде каде што го чека смртна казна.

Британската полиција минатиот четврток го уапси Џулијан Асанж (47), откако Еквадор го укина неговиот политички азил, со што заврши неговиот речиси седумгодишен престој во амбасадата на таа земја.

Укинувањето на азилот се смета за контроверзно во Еквадор. Претходниот претседател, Рафаел Кореа, го обвини својот поранешен политички сојузник за „злосторство што човештвото никогаш нема да го заборави“ и го опиша како „најголем предавник во еквадорската и латиноамериканската историја“.

Викиликс се поврзува со кампања што имаше цел ослабување на политичкото влијание на Морено, односно со анонимен веб-сајт што тврдеше дека братот на Морено основал оф-шор компанија. Материјалот што се наоѓаше на сајтот содржеше и приватни фотографии на Морено и неговото семејство.

Еквадорскиот претседател во своето прво интервју за медиум на англиски јазик по укинувањето на азилот на Асанж негира дека тоа било во знак на одмазда за документите што протекле за неговото семејство и додаде дека му е жал што Асанж, наводно, ја користел амбасадата за да се меша во демократските процеси на други земји.

„Секој обид за дестабилизација за Еквадор е чин за осуда, бидејќи ние сме суверена нација и ги почитуваме политиките на сите земји“, вели Морено во интервјуто. „Многу е тажно што на нашата територија на еквадорската амбасада во Лондон, со дозвола на претходната влада, биле овозможени услови за мешање во процесите во други земји“, рече Морено.

„Не можеме да дозволиме нашиот дом, домот што му ја отвори вратата на човек во неволја, да стане центар за шпионирање“, изјави Морено. „Со таквите активности се прекршени условите за азил. Нашата одлука не е произволна, туку се темели на меѓународното право“, додаде тој.

Морено инсистира дека одлуката да соработува со Британците и да го отстрани Асанж од амбасадата била суверена одлука на неговата влада и дека не му била наметната од ниедна надворешна сила.

„Тој беше гостин што доби достоинствен третман, но го игнорираше основниот принцип на возвраќање кон земјата што срдечно да го прими, ниту беше спремен да ги прифати протоколите на земјата што го прими. Повлекувањето на неговиот азил се случи со строго придржување кон меѓународното право. Тоа е суверена одлука. Ние не донесуваме одлуки врз основа на надворешни притисоци од ниедна земја“, рече Морено.

Претседателот на Еквадор, исто така, нагласи дека добил официјално уверување дека животот на Асанж нема да биде загрозен.

„За нас најважно право е правото на живот“, рече тој.

„Од таа причина се консултиравме со владата на Велика Британија за можноста за екстрадиција на Асанж во трети земји, каде што може да биде изложен на тортура, малтретирање или со смртна казна. Обединетото Кралство ни даде писмени гаранции дека нема да биде екстрадиран во ниедна земја каде што би можело да се случи таквиот третман“, додаде тој.

Морено го критикуваше односот на Асанж кон еквадорскиот дипломатски персонал во Лондон. „Ставот на Асанж апсолутно заслужуваше прекор и беше срамен, по целата таа заштита што еквадорската држава му ја даваше речиси седум години. Тој ги малтретираше нашите претставници во амбасадата на Еквадор во Лондон, го злоупотреби трпението на Еквадорците. Тој почна агресивна кампања против Еквадор и почна да им заканува дури и на тие што му помагаа.“

Секоја форма на соживот со Асанж во амбасадата предизвикуваше главоболка, додаде Морено.

„Тој постојано имаше несоодветно хигиенско однесување за време на неговиот престој, што влијаеше на неговото сопствено здравје и на внатрешната клима на дипломатската мисија. Покрај тоа, Асанж има здравствени проблеми, кои, исто така, треба да се решат. Никогаш не се обидовме да го избркаме Асанж. Поради неговите постојани прекршувања на протоколот и поради заканите, политичкиот азил стана неодржлив.“

Адвокатката на Асанж, Џенифер Робинсон, вчера ги отфрли обвинувањата за лошо однесување на Асанж.

Таа на Скај њуз изјави дека еквадорската влада ги ширела скандалозните обвинувања против Асанж за да го оправда тоа што во четвртокот ѝ дозволи на британската полиција да влезе во амбасадата и да го уапси Асанж.

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе