Моралес замина, Боливија доби привремена претседателка, но и нов хаос на улиците (ВИДЕО)

На улиците на престолнината на Боливија избувнаа судири откако опозициската лидерка во Сенатот Дјанине Анјес се прогласи за привремена претседателка на земјата. 

Анјес се прогласи за преодна претседателка на Боливија, и покрај немањето кворум за време на гласањето за нејзин избор, бидејќи пратениците на левичарската партија на поранешниот претседател Ево Моралес, кој поднесе оставка и побегна во Мексико, го бојкотираа гласањето, пренесе Ројтерс.

Таа ја презеде привремената контрола врз Сенатот доцна во текот на денот, а претставниците на партијата Движење за социјализам на Моралес не беа присутни кога го изврши тоа.

Лутите приврзаници на Моралес се обидоа да дојдат до зградата на Конгресот викајќи дека таа мора да поднесе оставка, пренесува АП.

Моралес, кој сакаше да ја трансформира Боливија како прв домороден претседател, одлета вчера во Мексико, кое му додели азил, додека илјадници негови приврзаници бараа негово враќање на улиците на престолнината на Боливија.

Моралес, како и потпретседателот на Боливија, поднесоа оставка пред два дена соочен со притисоците и протестите поради обвинувањата за измама на изборите од 20 октомври, на кои Моралес однесе убедлива победа.

По слетувањето во Мексико, тој рече дека нема да се откаже од политичката борба.

АП пишува дека неговото заминување беше драматичен пад за поранешниот чувар на лами и водач на синдикатот на одгледувачи на кока, кој за 14 години како претседател помогна милиони луѓе да се извлечат од сиромаштија, да се зголемат социјалните права и да дојде до висок економски раст во најсиромашната земја на Јужна Америка.

Меѓутоа, на крајот неговиот пад беше предизвикан од инсистирањето тој да остане на власт.

Тој се кандидираше за четврти мандат откако одби да ги прифати резултатите од референдумот, кои го поддржаа ограничувањето на мандатот за претседател.

Исто така Моралес, набрзо откако стана претседател во 2006 година, купи нов авион и изгради претседателска палата на 26 ката со хелиодром.

Моралес отстапи набрзо откако го прифати повикот на тимот на Организацијата на американските држави за нови избори.

Тимот извести за неправилностите на изборите чиишто службени резултати покажаа дека Моралес добил само толку гласови за да го избегне вториот круг во кој, како што тврдат аналитичарите, би можел да изгуби од обединетата опозиција.

Откако Моралес поднесе оставка, неговите приврзаници во понеделникот поставија барикади за да затворат некои патишта што водат до главниот аеродром, додека неговите непријатели блокираа поголем дел од улиците што водат до главниот град пред Конгресот и претседателската палата.

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе

Отповикот или импичментот на претседателот Доналд Трамп од страна на Претставничкиот дом покажува дека членовите на Конгресот на САД прво се партијци, а потоа Американци.

повеќе

Најпрво, важно е да се напомене дека поседувањето на оф-шор компанија не е нелегално само по себе. Во суштина оф-шор земјите нудат низа поволности како што се исклучително поволни стапки на данок. Всушност, некои од нив имаат нула стапка на данок. 

повеќе