„Мора убаво да миете“: реклами од пандемијата во 1918 покажуваат дека некои работи никогаш не се менуваат

Додека владите и општествата низ целиот свет се борат со тековната пандемија на ковид-19, а научниците се трудат да создадат модели за да видат како различните пристапи може да влијаат врз светската траекторија на вирусот, некои прават споредби со една друга пандемија што се случи пред повеќе од еден век.

Таканаречениот шпански грип од 1918 година, за кој се смета дека ги однел животите на 50 милиони луѓе низ светот, се користеше како референтна точка што покажува како ковид-19 се споредува со другите пандемии низ историјата.

Минатата недела, еден 105-годишен старец, за кој се смета дека е последниот жив преживеан од пандемијата во Шпанија од 1918 година, го предупреди светот да биде „претпазлив“ во однос на пандемијата на коронавирус. „Не сакам да гледам како се повторува истата работа. Тоа однесе многу животи“, изјави Хозе Амеал Пења за шпанскиот весник Ел Мундо.

Иако грипот од 1918 година и ковид-19 се различни болести, и од тогаш многу работи се променети во светот на медицината, огласите во весниците од 1918 година покажуваат дека, на некој начин, двата моменти се неверојатно слични.

„Велиме дека историјата е во циклуси и дека историјата се повторува, а сега тоа е комплетно исто од неколку аспекти“, вели Елизабет Зетланд, истражувач во Мај херитиџ, која има база на податоци од 11,9 милијарди историски записи што може да се пребаруваат, меѓу кои и весници, во најголем дел специјализирани за семејна историја. (Весниците се пребаруваат тука.) Во почетокот на март, кога коронавирусот почна брзо да се шири, Зетланд пребарувала „шпански грип“ во архивата на весници во Мај херитиџ. „Она што ме изненади беа сличностите“, вели таа, „и не очекував дека тие ќе бидат толку силни во однос на ова сега“.

Иако медицината напредуваше, а пристапот до информации значително е зголемен од 1918 година, има некои паралели во пораките и советите дадени на јавноста. Иако здравствениот систем во 1918 година бил порасцепкан и повеќе варирал во САД од овој сега, тогаш властите добро знаеле дека луѓето треба да се држат настрана едни од други поради мошне заразната природа на грипот. Недостигот од вакцина во тоа време значел дека напорите на јавното здравство низ целиот свет биле насочени кон лична хигиена, карантини и ограничување на јавните собири.

Акцентот на често миење раце, избегнување гужви и носење маски се повторува во архивите на весниците од тоа време, како и презир кон луѓето што ги прекршуваат правилата. Во една реклама за Црвениот крст од Беркли, Калифорнија, во Дејли газет во октомври 1918 година, поддржана од окружните власти и одборот за здравство, се вели дека маските со газа се „99% заштита од грипот“ и дека секој што не носи маска е „опасна мрза“.

Во 2020 година препораките во САД се поинакви. Здравствените експерти од Центрите за контрола и превенција на болести им советуваат на здравите луѓе да не носат маски за лице, од кои сега има недостиг. Но во другите земји, особено во Азија, носењето маски е културна норма и здравствените работници го препорачуваат како помош во забавувањето на ширењето на болеста.

Како и денес, во 1918 година имало недостиг од маски и, според Зетланд, неколку записи во весниците ги советувале луѓето како дома да си направат маски. Денес, иако е широко прифатено дека домашните маски не го спречуваат ширењето болести како респираторните маски Н95, многу луѓе исто така шијат домашно направени верзии.

Во некои случаи, фирмите ги користеле стравот на јавноста и очајот околу кризата дури и кога нивните производи не биле важни од тој аспект. Некои рекламери ги рекламирале своите производи како препорачани од лекарите или поткрепени од науката, дури и кога производите, како што е слаткото млеко Хорликс, немале никаква врска со медицината. Една реклама, од салон за масажа во Сан Хозе, Калифорнија, директно ветувала дека нивните третмани „гарантирано го лекуваат шпанскиот грип“.

„Луѓето тогаш користеле лекови за кои денес е смешно и да се чита“, вели Зетланд, која забележува дека еден посебен лек се повторувал додека истражувала. „Треба да сварите 12 кромиди, да го исцедите сокот и да го испиете наредниот ден, и тоа ќе ве заштити од грипот“.

Денес, дезинформациите за коронавирусот и најдобрите начини за спречување на инфекции - вклучително, на пример, побиените тврдења дека ако дувате топол воздух во синусите тоа ќе го убие вирусот - брзо се раширија на социјалните медиуми.

На социјалните медиуми новинарите документираа ПР-текстови добиени во последните неколку недели што се чини дека имаат спин поврзан со коронавирусот или се поврзани со вести за пандемијата, дури и кога самите производи не се директно важни за здравствената криза.

„Рекламерите во тоа време го следеле трендот“, вели Зетланд, „исто како што прават и денес“.

Објавено

Петок, Март 27, 2020 - 20:47

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе

Она она што го нудат медиумите во времето на ковид-19 покажа колку тие не се подготвени за да известуваат во време на криза, а кризите ги има сè почесто.

повеќе