Прогласена „окупирана држава“

Молдавски суд го разреши претседателот, привремениот претседател распиша избори

Молдавски суд го разреши денес претседателот на државата Игор Додон и го постави поранешниот премиер Павел Филип за привремен претседател, пренесува Ројтерс.

Демократската партија на Молдавија на Павел Филип вети вчера дека ќе го оспори легитимитетот на новата влада која ја формираа Социјалистичката партија поддржана од Русија и проевропскиот блок АКУМ.

Додон е поранешен лидер на Социјалистичката партија и го поддржува формирањето на новата влада.

Социјалистичката партија и блокот АКУМ се согласија вчера да формираат влада и ја именуваат Маја Санду, поранешна министерка за образование и советничка на Светската банка, за премиерка за да ја намалат моќта на олигарсите во една од најсиромашните земји во Европа.

Со тоа беше прекинат повеќемесечниот застој во собранието по парламентарните избори во февруари.

Но, нивниот сојуз предизвика судир со Демократската партија на Молдавија и уставниот суд, кој претходно соопшти дека парламентот треба да биде распуштен и дека секоја одлука за формирање влада која ќе ја донесат пратениците ќе биде неважечка.

Маја Санду

Санду е остра противничка на Демократската партија, која ја формираше последната влада, и на нејзиниот лидер Владимир Плахотниуч, богат олигарх обвинет за корупција и злоупотреба на власта.

Демократите ги обвинуваат АКУМ и социјалистите за узурпација на власта на барање на Русија, а заменик претседателот на партијата Андријан Чанду кажа дека тие ќе го оспорат формирањето на владата на суд.

„Руската Федерација се обидува да нѐ присили на создавање проруска влада, нелегално, во Молдавија“, кажа Чанду.

На седницата на парламентот Санду и социјалистите потпишаа и декларација со која Молдавија се прогласува за „заробена држава“.

Привремениот претседател на Молдавија Павел Филип соопшти денес дека потпишал декрет за одржување предвремени избори во септември.

Тој беше именуван за привремен претседател откако судот го разреши Игор Додон од должноста шеф на државата затоа што одби да го распушти парламентот и наместо тоа го поддржа формирањето на новата коалициска влада.

Молдавија ја тресат политичка нестабилност и корупција, особено поради скандалот познат како „кражбата на векот“ кога во периодот од 2014 до 2015 од три банки беа украдени милијарда долари, осмина од БДП на Молдавија.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе