Моќен говор на Саша Барон Коен за Фејсбук: Би му продавале огласи и на Хитлер (ВИДЕО)

Британскиот глумец, режисер и комичар Саша Барон Коен е попознат по своите ликови Али Џи, Борат и Бруно, а не толку по својот политички активизам.

Но, Барон Коен остави силен впечаток со говорот кој минатата недела го одржа на самитот на меѓународната еврејска организација за борба против антисемитизмот и одбраната на човековите права Анидефамејшн лиг.

Темата на говорот не беше политичка во тесна смисла, но секако има политички импликации, а тоа се слободата на говорот, односно регулацијата на лажните вести и говорот на омраза на социјалните мрежи.

На Барон Коен повод за говорот очигледно му била одлуката на директорот и основач на Фејсбук Марк Закерберг дека неговата компанија нема да ја проверува вистината на политичките огласи и останатите содржини кои ги објавуваат политичарите, иако во исто време ги проверува „обичните“ лажни вести и сличните дезинформирачки содржини.

„Мислам дека не е во ред во демократија приватните компании да цензурираат политичари или вести“, ја објасни Закерберг својата одлука. Фејсбук овој изклучок на својата политика на борба против лажните вести ја вика „исклучок за она што е вредно за објавување“, бидејќи, според нив, во интерес на јавноста е да слушнат што имаат да кажат политичарите.

Но, Барон Коен во својот говор жестоко ѝ се нафрли на ваквата политика на сопственикот на најголемата социјална мрежа во светот, како и на другите големи интернет компании – Гугл, Јутјуб и Твитер.

„Демократијата, која зависи од заедничките вистини, се повлекува, а автократијата, која зависи од заедничките лаги, напредува. Злосторствата од омраза растат, како и убиствените напади врз религиските и етничките малцинства. Што имаат заедничко сите трендови? Јас сум само комичар и глумец, не сум научник, но едно нешто ми е прилично јасно: сета оваа омраза и насилство во светот им олеснува на неколку интернет компании кои заедно ја сочинуваат најголемата пропагандна машина во историјата“, кажа Барон Коен што предизвика аплауз од публиката.

„Алгоритмите од кои овие платформи зависат намерно го засилуваат типот содржини кои ги држи корисниците ангажирани: приказни кои ги привлекуваат нивните попрости инстинкти и кои предизвикуваат гнев и страв. Затоа Јутјуб препорачува видеа на теоретичарот на заговори Алекс Џонс милиони пати. Затоа лажните вести постигнуваат подобри резултати од вистинските вести, бидејќи студиите покажуваат дека лагите побрзо се шират од вистината“, додаде тој.

„Време е овие компании да се наречат она што се: најголемите издавачи во историјата. И еве идеја за нив: почитувајте ги основните стандарди и праксите кои ги почитуваат новинарите, магазините и телевизиските вести секој ден“, објасни тој.

„Земете ја темата на политичките огласи, на пример. За среќа, Твитер конечно ги забрани, а и Гугл воведува измени. Но ако ги платите, Фејсбук ќе објави каков било „политички“ оглас сакате, па дури и ако е лага. И дури ќе ви помогне да ги микро-таргетирате тие лаги до своите корисници за максимален ефект. Под неговата искривена логика, да постоел Фејсбук во 1930-тите, би му дозволил на Хитлер да објавува 30-секундни огласи за своето „решение“ за „еврејскиот проблем““, истакна Барон Коен.

„Како што во еден наслов беше кажано, замислете што Гебелс би можел да направи со Фејсбук“, додаде.

Британскиот глумец, кој како и Зукерберг е со еврејско потекло, особено му се нафрли на директорот на Фејсбук поради тоа што овој во едно интервју кажа дека мисли дека социјалната мрежа не треба да забранува содржини кои го негираат холокаустот.

„Постои нешто што се вика објективна вистина. Фактите постојат. А ако овие интернет компании навистина сакаат да направат нешто, треба да вработат доволно луѓе кои навистина ќе надгледуваат, тесно ќе соработуваат со граѓанските групи, ќе инсистираат на фактите и ќе ги исчистат своите платформи од овие лаги и теории на заговори“, заклучи Барон Коен во говорот.

Време е да се почне да се размислува што може да значи тоа.

повеќе

Ако сте скијач или бордер, зима, планина, снег, сонце и чист воздух веднаш ве асоцираат на авантура и хедонизам. Физичка активност, радост и умствено опуштање.

повеќе

Која е логиката на Заев и СДСМ со вчерашниот протест што од сега се гледа дека ќе им биде и наративот за целата кампања?!

повеќе