Во соопштението потпишано од 227 од вкупно 290 пратеници, се бара од сите надлежни органи, вклучително и судството, што поскоро да го применат законот на одмазда против мохареб (Божјиот непријател).
„Тие се како и џихадистите на Исламската држава бидејќи со ножеви и огнено оружје го загрозуваат животот и имотот. Го повикуваме судството решително да се справи со сторителите на тие злосторства и со сите оние кои поттикнуваа немири, вклучително и некои политичари“, додаваат пратениците.
Законот на одмазда е еден од најстарите закони, кој се состои во тоа сторителот на некое кривично дело или злосторство да биде казнет на ист начин како што и самиот го извршил делото. Овој закон често го следи библискиот израз „Око за око, заб за заб“.
Протестите во Иран беа започнати на 16 септември, на денот на смртта на Махса Амини (22) во болница, каде што беше ставена во тешка состојба по нејзиното апсење на 13 септември во Техеран поради „носење несоодветна облека“ и непочитување на строгото правило за облекување на жените во Иран.