Многумина на почетокот не веруваа во руската вакцина, сега малку кој се сомнева во неа

На почетокот дочекана со недоверба, руската вакцина против ковид-19 се покажа ефикасна и денес Спутник V е прифатена во научните кругови, потврди угледниот медицински магазин Лансет.

EPA-EFE

Уште во првите недели од пандемијата, претседателот Владимир Путин им нареди на научните, политичките и воените кругови да се вклучат во битката за Русија да биде првата која ќе развие вакцина против ковид-19.

Во тој натпревар не се колебаше да се оди по кратенки.

Пролетта 2020, Александер Гинсбург, директорот на институтот Гамалеја, се пофали дека развиле добар производ па си ја вбризга експерименталната верзија на вакцината која ќе го добие името Спутник V.

Путин на 11 август објави дека токму во Русија е одобрена првата вакцина против ковид-19 во светот, а научниците во странство го примија тоа со доза недоверба бидејќи производот беше тестиран на само неколку десетици војници.

Во реалноста веќе и пред третата фаза на клиничките тестирања руската елита ја прими вакцината, а меѓу нив и една од ќерките на Путин.

Масовното вакцинирање на руското население почна во декември 2020, во моментот кога во Европа и Соединетите Американски Држави почнаа вакцинирањата со производите на Бајонтек/Фајзер и Модерна.

За Кремљ Спутник V е доказ за извонредноста на руската држава која Западот ја кара и санкционира. Путин дури ја вика „најдобра вакцина во светот“.

Изборот на името е длабоко симболичен. Одбрано е во чест на првиот сателит кој во орбитата во 1957 година го поставија советските научници и така го претркаа историскиот конкурент Америка.

Со успешниот развој на вакцината против болеста која го зафати целиот свет руските експерти се враќаат во светската научна елита, што е важно за тој сектор погоден од кризите и корупцијата по распадот на Советскиот Сојуз.

Русија многу брзо даде до знаење дека сака да ја дистрибуира својата вакцина во светот покажувајќи дека е способна да извезува и други артикли, а не само оружје и енергенси.

Спутник V е одобрен засега во петнаесетина земји – од поранешните советски републики како Белорусија и Ерменија, преку своите сојузници Венецуела и Иран со Аргентина, Алжир, Тунис, Пакистан. Со Спутник се вакцинира и Србија.

Поради недоволните јавни здравствени податоци на руската вакцина долго се гледаше со недоверба.

Рускиот независен фонд кој учествуваше во развојот на Спутник V, на 20 јануари објави дека ја почнал постапката на хомологација во Европската агенција за лекови (ЕМА).

Унгарскиот премиер Виктор Орбан побрза да ја одобри руската вакцина за својата земја, не чекајќи да го направи тоа Брисел во име на Европската Унија чии структури Орбан ги смета за преспори.

Германската канцеларка Ангела Меркел предложила германска помош за да се спроведе европската постапка па дури и за можно „заедничко производство“.

Русија објави дека примила нарачки за повеќе од милијарда дози, но нема капацитети да ја исполни таквата побарувачка.

Ниеден службен извор не објави јасно колку дози до денес се произведени. Во странство Русија испорача најчесто симболични дози, на пример 20.000 во Боливија или во количества кои не се јасно наведени.

Првите доцнења ги бележи Аргентина која нарача 19,4 милиони дози и би требало да бидат испорачани до крајот на февруари.

Москва е помалку спремна да извезува, а повеќе да ја произведува вакцината во партнерство со друга компанија. Така до денес Казахстан, Индија, Јужна Кореја и Бразил го произведуваат Спутник V, но сè уште сите не го користат.

Најмалку уште три вакцини против ковид-19 се очекуваат во следните недели во Русија.

Спутник V, вакцината која се дава во две дози, треба да добие своја полесна верзија, која се дава само во една доза.

Во февруари треба да почне масовното производство на вакцината Епиваккорона која ја разви државната лабораторија Вектор.

Се очекува одобрение и за трета вакцина, објави руската влада, а станува збор за производот наречен Ковивак кој го разви Институтот Чумаков.

Во меѓувреме, британско-шведската Астра Зенека и научниците кои ја развија Спутник V објавија дека работат на комбинација на нивните две вакцини.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе