Низ целиот свет

Многу земји од денеска ги ублажуваат рестриктивните мерки, се отвораат рестораните, парковите

Од денеска многу земји ги ублажуваат рестриктивните мерки воведени поради пандемијата на коронавирусот, па така и Турција, Русија и Австралија постепено ги намалуваат ограничувањата и ги отвораат рестораните и другите услужни дејности и ги укинуваат ограничувањата на движењето на своите граѓани.

Фото: Роберт Атанасовски

Во Турција повторно се отворени рестораните, кафулињата и парковите и се укинуваат ограничувањата за меѓуградски патувања.

Владата на турскиот претседател Таип Ердоган постепено ги ублажува ограничувањата последниве неколку недели, а властите велат дека епидемијата сега е под контрола.

Во таа земја од коронавирусот починаа повеќе од 4.500 луѓе, а заразени се повеќе од 160.000.

Рестораните, кафулињата, спортските сали, базените, плажите, парковите, книжарниците и музеите од денеска повторно работат.

Се отвораат и домовите и градинките, но остануваат ограничувањата на движењето за лицата постари од 65 години и помлади од 18 години.

А во Русија, пак, московјаните од денеска можат да ги напуштат своите домови и да прошетаат првпат во последните девет недели, како резултат на делумното ублажување на строгиот карантин поради новиот коронавирус.

Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин минатата недела му кажал на претседателот Владимир Путин дека ќе ублажи некои од ограничувањата во рускиот главен град во кој живеат 12,7 милиони луѓе, па би можело да се отворат низа продавници.

Московските трговски куќи, кои морало да се затворат на крајот на март, како и автомобилските салони, сервисите за хемиско чистење, книжарниците и пералниците повторно ќе бидат отворени.

Граѓаните ќе можат да прошетаат трипати неделно во денови одредени според адресата каде што живеат. Луѓето можат и да трчаат или да вежбаат надвор, но само меѓу 5 и 9 часот наутро.

И понатаму секој ден се пријавуваат илјадници новозаразени низ 11-те руски временски зони, а главниот град и понатаму е најтешко погоден во поглед на бројот на потврдените случаи.

Меѓутоа, последниве недели стапката на новозаразени остро опадна. Москва во неделата пријави 2.595 нови случаи, во споредба со претходниот дневен раст за повеќе од 6.000 случаи.

Путин минатата недела нареди одложената воена парада на Црвениот плоштад по повод Денот на победата да се одржи на 24 јуни.

Русија потврди дека бројот на заразените со коронавирусот за време на викендот надмина 400.000, на трето место по висина во светот.

Од денеска значително се ублажуваат и мерките во австралиската сојузна држава што е најмногу погодена од коронавирусот, Нов Јужен Велс. Во целата земја, вклучително и во престолнината Сиднеј, се отвораат рестораните, кафулињата, клубовите и баровите, со ограничување од максимум 50 луѓе во исто време.

Исто така се укинуваат и рестрикциите поврзани со слободата на патување меѓу државите, а се дозволува и поголем број на присутни, 20 односно 50, при венчавки и погреби.

Се отвораат и музеите, книжарниците, галериите, зоолошките градини, парковите. И понатаму важат правилата за социјална дистанца.

„Со попуштањето на мерките апсолутно е клучно да се тестираат сите, па и оние со најмали симптоми“, предупреди премиерката на таа држава, Гладис Берејеклиан, на Твитер.

Министерството за здравство во понеделникот објави дека се регистрирани три нови случаи на коронавирусот, кои се увезени однадвор.

Австралија забележа 7.195 случаи на коронавирус, а повеќето од нив, 3.098, биле во Нов Јужен Велс, во кој починале половината од 103-те починати лица што биле заразени со коронавирус.

Легенда под Главна слика

Фото: Роберт Атанасовски

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе