Нови телефонски разговори како доказ

Мистеријата на МХ17: Сите траги водат кон Русија

Пресретнатите разговори укажуваат дека сепаратистите барале инструкции од Русија пред да биде соборен авионот. 

Истражниот тим што се занимава со соборувањето на малезискиот авион на летот МХ17 објави нови снимки од пресретнати телефонски разговори што покажуваат дека сепаратистичките лидери во Украина барале воена помош и политички инструкции од руски политичари во периодот пред соборувањето на малезискиот авион. Тимот верува дека високи руски офицери ги наведувале украинските сепаратисти поврзани со падот на авионот.

Меѓународниот тим вели и дека рускиот претседател Владимир Путин постојано бил во контакт со лидерите на бунтовниците во Украина.

Меѓу соговорниците во прислушуваните разговори е и Владислав Сурков, политички помошник на Владимир Путин, кого сепаратистичките лидери го нарекуваат „нашиот човек во Кремљ“. Безбедносните функционери на аудиоснимките зборуваат и за „мандат“ на рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, за промена на воената хиерархија во источна Украина и координација со директорот на ФСБ, Александар Бортников, за испорака на воена помош, меѓу другото и опрема за ноќно гледање и муниција.

На снимките се слуша како руски политички и воени функционери вршат контрола врз секојдневната политика во сепаратистичката Украина. „Неодамнешните анализи на изјави на сведоци и други информации открија дека руското влијание врз КПР (самопрогласената Народна Република Доњецк) ја надминува воената поддршка и дека врските меѓу руските службеници и лидерите на КПР се поблиски“, рече истражниот тим предводен од Холандија.

На една од снимките се слуша Александар Бородаи, поранешен сепаратистички лидер, како вели: „Јас ги извршувам наредбите и ги штитам интересите на една единствена држава, Руската Федерација. Тоа е вистината.“

Телефон користен од Бородаи бил исклучен во четвртокот попладне. Тој претходно изјави дека бил во контакт со Сурков додека бил сепаратистички лидер во источна Украина, но негира каква било улога во соборувањето на МХ17 во 2014 година. Русија исто така негираше дека има каква било улога во трагедијата.

Во разговор од 3 јули објавен од истражителите, Сурков му рекол на Бородаи и дека Русија наскоро ќе испрати „борбени“ засилувања под команда на Владимир Антифујев, кој набргу потоа доби висока владина позиција.

Холандските власти рекоа и дека сепаратистичките лидери добиле безбедни телефони од руската служба за безбедност.

Доколку бидат потврдени, снимките ќе дадат дополнителен документарен доказ дека Кремљ имал директна контрола врз сепаратистичките лидери и дека управувал со трансферот на противвоздушниот систем БУК, со кој беше соборен патничкиот авион, во најшокантното злосторство од петгодишната војна на Украина.

Додека претходните објавени докази се фокусираа на оние врзани директно со противвоздушниот ракетен систем Бук, објавите во четвртокот се фокусираа на „воената и административната хиерархија што го овозможила соборувањето на МХ17 во источна Украина“, рече тимот.

Под контрола на Русија, и понатаму биле проблем бирократијата и паралелните командни хиерархии. Во еден од пресретнатите разговори, двајца борци од одделни единици разговараат за тоа како нивните наредби доаѓаат од ФСБ и ГРУ, руската федерална безбедносна служба и нејзината воена разузнавачка агенција.

Во друг разговор, Сурков му вели на Бородаи дека сè уште не може да отстрани еден сепаратистички командант со прекар Демон поради еден висок функционер. „Да бев министер, ќе го решев тоа“, вели Сурков.

Руското Министерство за надворешни работи ги отфрли најновите сознанија.

Меѓународниот истражен тим рече дека поседува пресретнати телефонски разговори на руски воени службеници со двајца од вкупно четворицата проруски сепаратисти што веќе се обвинети за убиство на 298-те патници и членови на екипажот.

Според пресретнатите разговори, кои ги обезбедила украинската тајна служба, истражителите сметаат дека официјалните лица во Москва знаеле што се случува на теренот, а имале и влијание врз сите „административни, финансиски и воени прашања на самопрогласената сепаратистичка Доњецка Народна Република".

Руското Министерство за надворешни работи, од друга страна, ги негира овие наводи, а портпаролката Марија Захарова го обвини меѓународниот истражен тим дека ја манипулирал истрагата за да се прејудицира заклучокот.

„Објавија некој материјал за кој се установи дека половина е лажен, а половина непотврден“, кажа таа.

Малезискиот авион МХ17 со 298 луѓе во него беше соборен на 17 јули 2014 година кога го погоди ракета лансирана од територијата што тогаш ја контролираа проруските бунтовници во Украина.

Сега, кога нашата држава ја предводат анационални лидери, кога супериорната бугарска власт смрди од агресивен национализам, ќе биде тешко да се изгради цврсто пријателство.

повеќе

Иако Буџетот 2020 е популистички, сепак со цврстите ставови за отфрлање на субвенциите за возила и за промена на даночната политика на СДСМ, како и во идејата за понатамошно отворање на Министерството за финансии се наѕира дека Ангеловска знае што прави.

повеќе

Да се стави точка на великобугарскиот шовинизам е насловот позајмен од едно писмо напишано во јули 1946 година од Илинденската организација до Владата на слободна Македонија.

повеќе