Мира Марковиќ ќе ја кремираат во Москва, а урната ќе ја положат во Србија до Милошевиќ

Мирјана Марковиќ, вдовицата на Слободан Милошевиќ, ќе биде кремирана во Москва, а урната со нејзините посмртни остатоци ќе биде положена во гробот во Пожаревац во сабота во 15 часот, потврди нејзиниот син Марко Милошевиќ.

Со тоа, според српските медиуми, ќе биде исполнета нејзината желба да почива покрај својот сопруг Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија и СР ЈУгославија.

Мира Марковиќ почина на 77 години во Москва од компликации предизвикани од воспаление на градите, кое го доби по две операции.

Во српската јавност се нагаѓаше дали ќе биде погребена во Србија или во Русија, а нејзиното семејство досега не се огласуваше за тоа.

Помош околу погребот во Пожаревац, градот во кој Марковиќ пораснала, понуди првиот човек на Социјалистичката партија на Србија и прв вицепремиер на српската влада и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Мирјана Марковиќ и нејзиниот син Марко избегаа во Русија од гневот на постмилошевиќевската Србија. Марковиќ долго време ги негувала врските со Русија, а уште во деведесеттите во биографијата се гордееше со редовното членство во Руската академија на општествени науки, статусот на почесна професорка на московскиот државен универзитет Ломоносов, тврдеше дека е директорка на Меѓународниот центар за социополитички истражувања на словенските земји на Руската академија, уредничка на три руско-југословенски магазини и почесна членка на Сојузот на писатели на Русија.

Во интервјуата и книгите, сѐ додека можеше, се обидуваше да го одбрани неодбранливото: политиката на својот сопруг. Пишувајќи за мемоарите на Марковиќ „Беше тоа вака“, објавени пред три и пол години во Србија, белградско Време забележа дека сите што го познаваат стилот на авторката не ги чуди нејзината „апсолутно искривена слика на реалноста и настаните кои доведоа до падот на нејзиниот сопруг Слободан Милошевиќ“. „Она што, меѓутоа, бесконечно навредува е тоа што Мирјана Марковиќ, која од 2003 година е во бегство, никако да „замолчи“ и да ги остави на мира сите убиени, осакатени, избркани, ограбени, осиромашени и полудени од животот под режимот нејзин и на нејзиниот маж“.

За време на слобизмот, како што режимот го нарекуваа опозициски ориентираните Срби, Мира Марковиќ беше една од побизарните појави на политичката сцена полна секакви чудаци и мрачни ликови. Докторката по социологија, „авторка на повеќе книги и учебници од областа на општата и политичката социологија и околу 100 трудови од теоретска социологија, преведени на многу јазици“, како што ѝ пишуваше во официјалната биографија, формално не беше во Социјалистичката партија на Србија на нејзиниот сопруг, туку ја предводеше Југословенската здружена левица (ЈУЛ), бизарна мешавина од ригиден комунизам и цврст национализам.

Мира Марковиќ и Слободан Милошевиќ беа претставувани како „балканските Ромео и Јулија“. Љубовта почната во средношколските клупи се развиваше во времето додека тој мечтаел за банкарска, а таа за професорска кариера. На крајот Слободан ќе се сврти кон политиката и тоа ќе ги им го одземе нормалниот живот. За жал, не само на нив, туку и на безбројните несреќници кои поради лудите идеи создавани, развивани и поддржувани во домот Милошевиќ-Марковиќ остануваа без ништо. Се разидоа во јуни 2001, кога тој беше предаден на Хашкиот суд.

Напредокот и оптимизмот што ги обележаа децениите по 2. Светска војна се гледаа во создавањето на средната класа, составена од луѓе што, иако родени во куќи со земјени подови, завршија со факултетски дипломи и добри работни места во големите градови. Поседуваа автомобили и викендички, летуваа на море и патуваа во странство без визи.

повеќе

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе