Според Гардијан, дури четири петтини од вакцината на Астра зенека доставени во европските земји сè уште не се искористени. Проблемот со одбивањето на Астра зенека е особено изразен во Германија.
Податоците на европскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЕЦД) велат дека од 6.134.707 дози дистрибуирани во 27 земји-членки на ЕУ, дури 4.849.752 се сè уште неискористени.
Само во Германија повеќе од милион дози вакцина Астра зенека сè уште се во складишта, пред се затоа што луѓето не сакаат да се вакцинираат со оваа вакцина. Германија искористила само 15% од дозите на Астра зенека.
Властите во Франција, Германија, Полска и Италија препорачуваат вакцинирање со Астра зенека само за оние на возраст под 65 години. Се чини дека ова е клучниот фактор што влијае на бавната примена на оваа вакцина во земјите на ЕУ.
Во интервју за Франкфуртер алгемајне цајтунг, германската канцеларка Ангела Меркел призна дека луѓето ја одбиваат вакцината Астра зенека затоа што се загрижени поради ефективноста и безбедноста на вакцината, што пак е последица на слабиот публицитет.
„Има проблем со прифаќањето на вакцината на Астра зенека. Се работи за сигурна, безбедна и ефикасна вакцина. Таа е одобрена од ЕМА и се препорачува во Германија за лица под 65 години. Сите релевантни органи ни кажуваат дека тоа е вакцина во која можеме да имаме доверба. Во моментот кога нема доволно вакцини, не можеме да бираме со што ќе се вакцинираме“, рече Меркел во интервју.
На прашањето дали самата ќе се вакцинира со Астра зенека, Меркел одговори: „Јас имам 66 години и не спаѓам во групата на која ѝ беше препорачано да се вакцинира со Астра зенека“.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера изјави дека би сакал да се вакцинира со вакцината на Астра зенека кога ќе дојде негов ред.
„Ако ги погледнеме научните студии, ефикасноста на вакцината Астра зенека е докажана. Ќе дојде и мојот ред, но има време. Ако ми ја понудат таа вакцина, секако дека ќе прифатам“, рече Макрон.