30-годишнина од падот на Железната завеса

Меркел им се заблагодари на Источноевропејците за придонесот во падот на Берлинскиот ѕид

Германската канцеларка Ангела Меркел им се заблагодари на граѓаните на земјите од поранешниот источен блок, особено на Унгарија, за нивниот придонес во обединувањето на двете германски држави.

„Границата меѓу Австрија и Унгарија беше отворена на 19 август 1989 година по повод 'паневропскиот пикник' и 700 граѓани на ДДР ја искористија можноста да избегаат на Запад. Ние секогаш ќе ѝ бидеме благодарни на Унгарија за тој придонес во германското обединување“, рече Меркел во видеопоткастот.

Таа рече дека тоа што се случило тој ден, кој бил „голем чекор кон падот на Берлинскиот ѕид“ неколку недели подоцна, немало да биде можно без дејствувањето на граѓаните на Унгарија, на тогашна Чехословачка и на Полска. „Граѓаните од Источна Европа овозможија да се случи чудото на обединувањето“, рече Меркел. Германската канцеларка в понеделник патува во Унгарија за да учествува во одбележувањето на 30-годишнината од падот на Железната завеса. Таа во пограничното место Шопрон, во северозападниот дел на Унгарија, ќе присуствува на екуменска маса заедно со премиерот Виктор Орбан. Меркел последен пат ја посети Унгарија во 2014 година.

Односите меѓу Берлин и Будимпешта се влошија по доаѓањето на власт на национално-конзервативниот премиер Орбан и неговото често противење на политиката на Берлин, особено во врска со бегалската политика, а има одредено несогласување и поради проруската тенденција на Унгарија.

„Сè уште ги има разликите во ставовите за бегалската политика“, се вели во изјавата на портпаролот на германската влада, Штефан Зајберт, во кое се најавува посетата на Ангела Меркел и се вели дека „таа сака со своето патување во Унгарија да потенцира колку го цени унгарскиот придонес во исполнувањето на сонот за слободна Германија“.

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе