Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ѝ понудил на Меркел да биде дел од висок советодавен тим во светската организација.
Агенцијата Дпа, повикувајќи се на дипломатски извори во ОН, како што пренесуваат германските медиуми, објави дека на Меркел ѝ е понудено претседавање со телото за глобални јавни добра, од што потенцијално би требало да имаат корист сите граѓани во светот.
Гутереш преку писмо ја испратил понудата до Меркел.
Сепак, од седиштето на ОН во Њујорк оценуваат дека има мали шанси Меркел да ја прифати понудата.
Меркел засега нема одговорено, а претставниците на ОН не сакаат да дадат официјална изјава за понудата.
Телото за глобални јавни добра е проект на Гутереш, кој е дел од реформите на ОН.
Во својот извештај за реформите на ОН минатата година, тој најави дека ќе ги повика поранешните шефови на држави и влади да воспостават глобална листа на јавни добра и други области од заеднички интерес каде што треба да се подобри управувањето.