„Објавувањето не е злосторство“

Меѓународни медиуми ги повикаа САД да ги отфрлат обвинувањата против Асанж

Владата на Соединетите Американски Држави мора да се откаже од кривичното гонење на основачот на Викиликс Џулијан Асанж бидејќи тоа ја поткопува слободата на медиумите, се наведува во заедничкото соопштение на медиумските организациите кои први му помогнаа да ги објави протечените дипломатски преписки.

EPA-EFE

На денешен ден пред дванаесет години Гардијан, Њујорк тајмс, Монд, Шпигл и Паис ги споделија на своите сајтови извадоците од 250.000 документи до кои Асанж дојде во таканаречениот Кејблгејт кој ги разоткри преписките на американската дипломатија испраќани низ светот. По долго молчење, уредниците и издавачите на медиумските организации денес јавно се спротивставија на плановите Асанж да се обвини по законот кој е смислен за кривично гонење на шпионите од Првата светска војна.

Џулијан Асанж, инаку, е затворен во затворот Белмарш во Лондон уште од 2019 година. Периодот од 2012 до 2019 година го мина во еквадорската амбасада, откако американските власти распишаа потерница по него поради објавувањето на базите податоци на доверливи документи во кои, меѓу другото, се откриени американски воени злосторства извршени во Ирак и Авганистан.

„Објавувањето не е злосторство“, порачаа медиумските организации кои наведуваат дека кривичното гонење на Асанж е напад врз слободата на медиумите, и дека објавувањето на американските дипломатски преписки најтешки последици имало токму за Џулијан Асанж.

Тој на 12 април 2019 беше уапсен во Лондон по американски налог, а сега е, веќе три и пол години, во британскиот затвор со висока безбедност кој обично се користи за терористи и членови на организирани криминални групи. Тој се соочува со екстрадиција во САД и казна до 175 години во американски затвор со максимална безбедност.

„Оваа група уредници и издавачи, кои сите работеле со Асанж, почувствува потреба јавно да го критикува неговото однесување во 2011 година кога беа објавени нередактираните преписки... Но, сега се собравме за да изразиме сериозна загриженост поради продолжувањето на кривичното гонење на Џулијан Асанж поради набавувањето и објавувањето на доверливите материјали“.

Обвинението против основачот на Викиликс е поднесено врз основа на американскиот закон за шпионирање од 1917 година (смислен кривично да ги гони потенцијалните шпиони за време на Првата светска војна) кој никогаш не е искористен за кривично гонење на издавачи или емитувачи. Ова обвинување претставува опасен преседан и се заканува да ги поткопа Првиот амандман и слободата на печатот, оценуваат медиумските куќи.

„Набавувањето и откривањето чувствителни информации, тогаш кога тоа е во јавен интерес, е суштински дел од секојдневната работа на новинарот. Ако таа работа се криминализира, нашиот јавен дискурс и нашата демократија се значително послаби. Дванаесет години по објавувањето на Кејблгејт, време е американската влада да го прекине кривичното гонење на Џулијан Асанж поради објавувањето на тајните. Објавувањето не е кривично дело“, се заклучува во заедничкото писмо на медиумските организации кои досега не го искористија своето влијание поради притисокот на властите на САД за да се откажат од прогонот на Џулијан Асанж.

Останува да се види дали тоа сега ќе се смени, или ќе се покаже дека станува збор за еднократен потег направен за спасување на сопствениот углед.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе