Рускиот премиер во официјална посета на Белград

Медведев: Русија ја поддржува Србија во зачувувањето на нејзиниот суверенитет

Рускиот премиер Дмитриј Медведев изјави денеска дека Русија ја поддржува Србија и е подготвена да ѝ помогне во заштитата на нејзиниот територијален суверенитет и интегритет, истакнувајќи дека Русија е за мирно решение во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност.

„Ние сакаме стабилен Балкан и соработка со сите земји на Балканот“, рече Медведев во обраќањето пред српскиот парламент.

Тој потсети дека бил во Србија пред десетина години, додавајќи дека и тогаш односите биле на високо ниво, пријателски, но дека и понатаму се во пораст и се карактеризираат со големо меѓусебно разбирање.

„Многу цениме дека Србија не воведе санкции кон Русија и покрај големите притисоци“, рече Медведев.

Тој најави дека премиерката на Србија, Ана Брнабиќ ќе биде во Москва на 25 октомври со цел да се потпише договор за слободна трговија со Евроазиската унија, која работи на рамноправни основи, остварувајќи прагматични интереси на членките.

Говорејќи за Европската унија, тој рече дека на земјите не треба да им се наметнува избор меѓу Исток и Запад, туку да им се дозволи да делуваат во согласност со сопствените интереси.

Тој исто така рече дека и Русија е заинтересирана за партнерски однос со ЕУ, заснован врз взаемно почитување.

Говорејќи за сојузништвото во двете светски војни, Медведев рече дека Русија е благодарна на Србија што ги чува спомените на нејзините паднати херои.

Тој рече дека ослободувањето на Белград било важно за Европа, но и за целиот свет, со својот придонес во победата над фашизмот.

Особено истакна дека во некои други простори може да се видат обиди за ревидирање на историјата, каде се рушат спомениците на советските војници загинати во борбата против фашистите.

Тој говореше дека така се поткопува меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна.

Медведев рече дека Србија, за жал, почувствува што значи да постапува спротивно на меѓународното право, осврнувајќи се на настаните од 1999 година.

„На Србија ѝ посакувам мир, просперитет, слобода и благосостојба“, рече Медведев.

Посетата на Медведев на Белград официјално завршува на церемонијата по повод 75-годишнината од ослободувањето на Белград во Втората светска војна, во која беа вклучени војници од руската Црвена армија.

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе