Медуза: Путин нуди примирје за да се подготви за нова офанзива во февруари

Москва повторно ја промовира идејата за преговори со Киев, но Владимир Путин нема да се откаже од продолжувањето на војната и се надева дека ќе го искористи посакуваниот „прекин на огнот“ за да се подготви за нова офанзива во февруари-март 2023 година, објави денеска еден од ретките останати независни руски медиуми, Медуза, во Русија означена како „странски агент“.

Фото: ЕПА

Во последните неколку недели претставниците на руската влада сѐ почесто зборуваат за преговори со Украина или со западните земји. Медуза пишува дека Владимир Путин навистина размислува за продолжување на преговорите и покрај одбивањето на Володимир Зеленски да преговара со него по анексијата на 4 украински области.

Сепак, посочува новинската агенција, Путин сака Русија да ја задржи контролата врз териториите во Донбас, и тој „воопшто не сака да разговара за Крим(ското прашање)“. Според три извори на Медуза блиски до Кремљ, овие позиции не се променети.

Сепак, според соговорниците на Медуза, руските власти развиле нова „тактичка опција“. Таа не вклучува склучување полноправен мировен договор, туку спроведување привремен режим за прекин на огнот.

Според планот на Кремљ, руската и украинската војска би можеле да се договорат за ова без вклучување на лидерите на двете држави.

Според извори на Медуза блиски до Кремљ, веројатно заради овој договор, руските власти се подготвени да ги повлечат трупите од барем дел од окупираната територија на Херсонската област.

Во исто време, еден од изворите на Медуза, кој бил близок до Кремљ, признал: „Сега е многу тешко да се одржи Херсон, а повлекувањето на војниците од областа може да се направи како гест на добра волја и отстапка кон Украина“.

Во моментов, Кремљ се обидува да „влијае врз западните лидери“ и турскиот претседател Реџеп Ердоган, за тие да ја „убедат“ Украина да се врати на преговори со Русија.

Изворите на Медуза велат дека во овие разговори со лидерите на другите земји, руските претставници даваат „едноставен аргумент: неопходно е да се избегнат жртви меѓу цивилното население“.

Ова звучи лицемерно во контекст на неодамнешните масовни ракетни напади врз украинските градови, кои почнаа по експлозијата на Кримскиот мост и успешната контраофанзива што ја почнаа украинските сили, вели Медуза.

Изворите на Медуза нагласиле дека Владимир Путин нема да се откаже од продолжувањето на војната - и се надева дека ќе го искористи можниот прекин на огнот за да се подготви за нова офанзива.

Според еден од изворите, за тоа време руската армија ќе успее да ги обучи мобилизираните Руси и барем некако да ги надомести загубите во опрема. Прес-секретарот на претседателот Дмитриј Песков не одговорил на прашањата на Медуза во врска со ова.

Планот на Кремљ предвидувал, објаснуваат изворите на Медуза, дека потенцијалната „нова офанзива од целосен обем“ би можела да почне околу февруари-март 2023 година.

Како што пишува Медуза, Крим воопшто не би бил дел од преговорите за примирје бидејќи Путин подразбира дека тој останува руски. Исто така, едно од барањата е анектираната област Донбас да остане дел од Русија.

Ова се неофицијални информации, а тешко е да се замисли дека Украина во овој момент би се согласила на ваков тип на договор.

„Ќе преговараме со наследникот на Путин“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано повторува дека војната ќе заврши кога ќе бидат ослободени сите украински територии, вклучително и Крим.

Исто така, Украина пред неколку дена објави дека немаат намера да преговараат со Русија додека Владимир Путин е на нејзино чело, но се подготвени да разговараат откако тој повеќе нема да биде на власт.

„Ќе бидеме подготвени за преговори со Русија, не со Путин, туку со тој што ќе го замени“, повтори соговорникот во Кабинетот на претседателот на Украина, Володимир Зеленски и им предложи на Русите: „Урнете го вашиот неразумен Путин“.

Изворот нагласил дека Украина долго време не верува во изјавите и „гестовите на добра волја“ на Русија. Според него, „нема да има прекин на огнот“ додека не се ослободат украинските територии.

Михаило Подољак, советник на шефот на кабинетот на претседателот на Украина, рече дека руското сценарио „апсолутно дефинитивно не е во корист на Украина“ и дека само воен пораз на Руската Федерација ќе овозможи вистински крај на војната.

„Што ѝ дава на Украина примирјето според руското сценарио?“, рече Подолјак. „Фиксирање на де факто нова линија на разграничување и забрзано вкопување на Русите на привремено окупираните територии? Можеме ли сериозно да претпоставиме дека би се согласиле на ова? Особено во контекст на контраофанзивата... Една јасна оперативна пауза за тешко оштетените одреди на Русите, со цел да се обучат барем дел од мобилизираните и набрзина да испратат нов број бомбаши самоубијци на бојното поле? Зошто ни треба ова?“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе