Неофицијален дипломатски документ

Медиумите го објавија „нон-пејперот“ на Јанша: распад на БиХ, припојување на РС кон Србија и обединување на Косово со Албанија

„Зеленото светло за распаѓање на Босна и Херцеговина и обединување на Косово со Албанија ќе им даде нов поттик на српските националисти во Црна Гора и на албанските националисти во Северна Македонија, две членки на НАТО“, пишува во нон-пејперот на Јанез Јанша до Брисел.

Фото: ЕПА

Словенечкиот портал Нецензурирано ја објави содржината на неофицијалниот дипломатски документ „нон-пејпер“ испратен од премиерот на Словенија Јанез Јанша до Брисел, во кој се изнесени идеи за поделба на Босна и Херцеговина, припојување на Република Српска кон Србија и обединување на Косово со Албанија.

„На Косово 95% од населението сака да се обедини со изворната албанска нација. Слична е ситуацијата и во Албанија. Границата помеѓу Албанија (членка на НАТО) и Косово практично не постои“, се вели во документот.

Се додава дека српскиот дел на Косово би добил посебен статус, по примерот на Јужен Тирол, автономна покраина во северна Италија, каде што мнозинството од населението зборува германски.

Понатаму се предлага обединување на поголем дел од територијата на Република Српска со Србија.

„Српското национално прашање во голема мера може да се реши со припојување на дел од Република Српска кон Србија. Во овој случај, Србија е подготвена да се согласи на обединување на Косово и Албанија“, се вели во документот.

Во документот пишува и дека хрватското национално прашање може да се реши со спојување на повеќето хрватски кантони во БиХ со Хрватска или со давање посебен статус на хрватскиот дел на БиХ, по примерот на Јужен Тирол.

„Ова ќе им даде на Бошњаците независна функционална држава и тие ќе преземат целосна одговорност за неа. Народот на референдум ќе одлучи дали да ѝ се приклучат на ЕУ или за иднина надвор од ЕУ (следејќи го примерот на Турција)“, се вели во документот.

Понатаму е наведено дека засега „огромното мнозинство Бошњаци го поддржуваат европскиот пат на БиХ“, но се додава дека „влијанието на Турција и радикалниот ислам рапидно се зголемува, што може да ја влоши ситуацијата во следната деценија“.

Документот проценува дека по распадот на Југославија, националните прашања на Србите, Албанците и Хрватите останале нерешени.

Авторите на документот истакнуваат дека дури и по воспоставувањето мир по војните, ветувањето европски перспективи, како и напредокот на Македонија и Црна Гора во таа насока, „главните прашања остануваат нерешени“, а тоа се:

- тоа што во моментов е тешко да се замислат европските перспективи на Србија и Косово,

- членството на БиХ во ЕУ може во целост да се исклучи,

- празниот простор го искористи Турција, која го зголеми своето влијание во БиХ и Македонија, како и дека,

- освен Турција, некои локални политичари и нивните поддржувачи „лично имаат корист од хаосот и нефункционалните институции и дека никој не е задоволен од ситуацијата во БиХ.

Авторите на документот нагласуваат дека Србија, Хрватска и Албанија во моментов имаат стабилни влади и дека нивните избрани политичари се способни да донесуваат стратешки одлуки.

Според авторите на „нон-пејперот“, овие „решенија“ би ги забрзале преговорите за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО.

Според словенечкиот портал, на предлозите од овој документ силно се противат САД, Германија, Франција и други европски земји.

Меѓународната заедница ја нагласува важноста на територијалниот интегритет на БиХ и се противи на ново цртање граници во поранешна Југославија.

Тие наведуваат дека ова ќе ја отвори Пандорината кутија и веројатно ќе доведе до нови војни.

„Зеленото светло за распаѓање на Босна и Херцеговина и обединување на Косово со Албанија ќе им даде нов поттик на српските националисти во Црна Гора и на албанските националисти во Северна Македонија, две членки на НАТО“, пишува словенечкиот портал.

Според информациите од порталот Нецензурирано, во последниве месеци имало три „нон-пејпери“ за БиХ во кои Словенија учествувала на еден или друг начин.

Словенија, се посочува, ја поддржала хрватската дипломатска иницијатива во врска со БиХ, а ѝ се придружиле Унгарија, Грција, Бугарија и Кипар.

Грција и Бугарија имаат свои интереси за прашањето за Северна Македонија, особено во условувањето на нејзиното напредување во европските интеграции.

Официјално не е потврдено дека претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел добил „нон-пејпер“ од Словенија, но неофицијален дипломатски документ што предвидува распаѓање на Босна и Херцеговина, припојување на Република Српска кон Србија и обединување на Косово со Албанија, всушност постои.

Според нивните информации, документ со наслов „Западен Балкан - патот напред“ пристигнал во кабинетот на претседателот на Советот на Европа уште во февруари.

Според извори на словенечките новинари, документот сигурно не бил скроен во словенечкото Министерство за надворешни работи, но според некои информации, дел од неговата содржина можело да биде напишан во Будимпешта.

Сепак, во дипломатските кругови во Брисел, тој се нарекува „словенечки“ документ, бидејќи кабинетот на Јанша, наводно, учествувал во испраќањето на разни адреси, вели порталот Нецензурирано.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе