Во Лагос, економскиот центар со 20 милиони жители, ситуцијата вчера беше главно мирна и строгиот 24-часовен полициски час воведен во вторникот вечерта е ублажен, по неделите екстремно насилство.
Меѓутоа, во повеќе градови во западноафриканската земја продолжуваат масовните грабежи, како на пример во Еде во југозападната држава Осун или во Џос во центарот на земјата, каде повеќе илјади луѓе зазедоа и ограбија огромен магацин за храна која требало да биде дистрибуирана во март и април за време на карантинот поради коорнавирусот.
„За време на изолацијата ние бевме гладни, а тие ја криеле храната“, кажа Мафег Пам, еден од жителите на Џос и праша каква влада имаат, укажувајќи дека луѓето се слаби и умираат од глад.
Нигерија, водечкиот произведувач на нафта во Африка која важи за една од најкорумпираните земји во светот, минува низ сериозна социјална криза, со протестните движења кои пред две недели почнаа во Лагос против полициското насилство, а потоа прераснаа во насилство и масовни грабежи.
Во Еде на југозападот на земјата грабежот на еден од таквите магацини го блокирал градот во петокот. Во местото Калабар на југоистокот биле вандализирани куќи на политичари.
Крвавата репресија на мирните демонстрации во Лагос во вторникот, во која според Амнести интернешнал настрадале 12 луѓе, ги разгневи и земјата и меѓународната заедница.
Според Амнести интернешнел најмалку 56 луѓе се убиени низ земјата во двете недела откако почнаа протестите.
Нигерискиот претседател Мухамаду Бухари изрази жалење поради бројните изгубени животи, но досега не даде официјална бројка на настраданите.
Во телевизиското обраќање во четвртокот вечерта тој предупреди дека нема да дозволи никому да ги загрози мирот и безбедноста на државата и изрази жалење што бил „премногу мек“ во текот на двонеделните протести.