Австралиските власти повикаа

Mасовна евакуација поради големите пожари: „Имате 5 минути“ (ФОТО+ВИДЕО)

Австралиските власти повикаа на нова масовна евакуација на населението кое живее во густо населената југоисточна Австралија, додека со високите температури огромните пожари се закануваат на неколку поголеми градови.

„Ако добиете упатства за евакуација, тогаш мора да заминете. Имате 5 минути“, изјави Дениел Ендрјуз, премиер на сојузната држава Викторија. „Тоа е единствениот начин да се гарантира вашата безбедност“.

Дваесет и седум луѓе загинаа, според податоците на сојузната влада, а пожарите изгореа над 10,3 милиони хектари земја, што е отприлика колку територијата на Јужна Кореја.

Илјадници луѓе ги загубија своите домови, а повеќе илјади луѓе неколку пати мораа да бидат евакуирани поради опасноста.

На жителите на Малакута, крајбрежен град во државата Викторија, каде неколку илјади луѓе беа заробени со денови на плажа додека војската не ги евакуираше вчера, исто така им е советувано да го напуштат градот.

„Ако се евакуираме, каде ќе одиме?“, праша Марк Трегелас кој ја минал новогодишната ноќ на пристаниште откако пожарот го уништил поголемиот дел од неговиот град.

Тој и околу илјада други жители решиле да останат.

Властите предупредија дека огромните пожари, поради високите температури, силните ветришта и тригодишната суша, ќе продолжат сѐ додека не падне поголемо количество дожд.

Австралискиот хидрометеоролошки завод потврди дека дека засега нема назнаки дека тоа ќе се случи во следните месеци.

Властите на државата Нов Јужен Велс објавија дека се одобрени 1 милијарда австралиски долари за обнова на инфраструктурата и општините погодени од пожарите.

Рударскиот магнат Ендрју Форест вети дека ќе донира 70 милиони австралиски долари за обнова, вклучувајќи волонтерска „војска“ од преку 1.000 луѓе од рударскиот и земјоделскиот сектор кои ќе помагаат во обновувањето на погодените региони.

Нов Јужен Велс е најтешко погоден од пожарите. Во таа сојузна држава досега се уништени 1.870 домови.

Мудис аналитикс проценува дека штетата предизвикана од пожарите би можела да биде поголема од смртоносната „Црна сабота“ во 2009, кога пожарите „голтнаа“ 450 илјади хектари земја. Тогаш материјалната штета изнесуваше 4,4 милијарди долари.

Премиерот на Австралија Скот Морисон вети 2 милијарди австралиски долари за новоформираната Национална агенција за опоравување од пожарите.

Околу стотина пожарникари од САД и Канада им помагаат на австралиските сили во борбата против стихијата, а се очекуваат дополнителни 140 пожарникари во следните недели.

Еколозите од Универзитетот на Сиднеј проценуваат дека до милијарда животни загинале или се повредени во пожарите.

Пожарите веќе испратија 400 мегатони јаглерод диоксид во атмосферата и произведоа супстанции штетни за околината, соопшти сателитската програма на ЕУ Коперникус.

Чадот се прошири и преку Тихиот Океан и се појави над градови во Јужна Америка, а можеби стигнал и до САД, наведе Светската метеоролошка агенција на ОН.

И покрај тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, американската разузнавачка заедница веќе долго време ја смета појавата на пандемии како една од најголемите закани.

повеќе

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе