„На сите им посакувам среќни празници! Им препорачувам на оние кои се радуваат на средбата со семејството за Божиќ да направат превентивни тестови и да се изолираат во случај да имаат симптоми. Им благодарам на оние кои, доколку биде потребно, ќе нè лекуваат и негуваат. Да се грижиме едни за други“, напиша Макрон на Твитер, кој крајот на годината ќе го помине во резиденцијата на француските претседатели Фор де Брегансон на југот на Франција.
Емануел Макрон ја повтори својата порака во видеото објавено во четвртокот на Тик ток, мрежа популарна кај младите луѓе. „Дури и ако сте вакцинирани, треба да се тестирате пред да се сретнете со вашите најблиски за да видите дали го носите вирусот“.
„Дури и ако сте примиле две дози или сте биле заразени, бустерот ве штити и значително ги намалува тешките форми на болеста“, додаде тој. „Направете го тоа сега за себе, за вашите најблиски“, повика тој, нагласувајќи дека за тоа се е организирано.
Со приближувањето на Божиќ и појавата на варијантата омикрон во земјата, во средата во Франција имало 84.272 новозаразени со ковид-19, а хоспитализирани се 16.118 лица, од кои 3.147 во критична состојба, според податоците на здравствените служби.
Министерот за здравство Оливие Веран во четвртокот процени дека „до крајот на месецот веројатно ќе надминат 100.000 заразени дневно“.
Соочена со овој бран, владата смета на „одговорноста“ на Французите, ја забрза кампањата за довакцинација и започна доброволна вакцинација на децата на возраст од 5 до 11 години.
Од почетокот на кампањата за вакцинација, 52 милиони луѓе во Франција примиле најмалку една доза (или близу 78 отсто од населението), но околу пет милиони луѓе не биле вакцинирани.