„Каква политика сака да избере Велика Британија? Таа земја не може да биде најблизок сојузник на Соединетите Држави, најблизок сојузник на Европската унија и нов Сингапур... затоа, мора да избере некаков модел“, рече францускиот претседател во петокот во разговор со десетина дописници на странски весници.
„Половични пријатели не можат да бидат концепт“, вели тој.
„Ако Велика Британија се одлучи во целост за трансатлантската политика, некои работи ќе треба да се разјаснат затоа што ќе има некои разлики во правилата, итн. Така, пристапот кон пазарот ќе биде поинаков“.
„Ако одлучи да стане нов Сингапур, што еднаш го предложи... не знам. Не одлучувам јас за тоа, но би сакал добри, мирни односи.. бидејќи длабоко верувам дека нашите судбини се поврзани, дека слично размислуваме за светот што нè опкружува, нашите научници и индустрии работат заедно“, рече францускиот претседател.
„Верувам во суверен континент, верувам во држави, но не верувам во неонационализам“, објасни Макрон, повторувајќи дека, според него, брегзит е грешка изгласана „на основа на многу лаги“ и верува дека, „и покрај сè, тој ќе отежне многу работи“.
Макрон вели дека, и покрај сè, Британците, Французите и другите Европејци сепак остануваат „судбински поврзани бидејќи историјата и географијата не можат да се менуваат“. „Значи, воопшто не верувам дека Британците би можеле да имаат поинаква судбина“, рече тој, додавајќи дека се надева дека повторно ќе „откријат заедничка амбиција и поврзаност“.