четврток, 28 март 2024

УНЕСКО повторно во Охрид, ќе проверува што е направено за да се задржи статусот на светско добро

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денеска оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО што престојува во работна посета на земјава за да ја утврди фактичката состојба на терен во Охридскиот регион по што треба да донесе одлука дали регионот ќе остане на листата на заштитено светско добра.

Објавено на

часот

Сподели

Пецаков пред членови на Центарот за светско наследство, на Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, како и на Националниот координативен тим од Македонија ја истакнал силната посветеност на Општина Охрид за зачувување на природното наследство во Охридскиот регион.

„Детално ги инфомирав за сите чекори кои како Локална самоуправа ги преземаме и со временските рамки за реализација на истите. Силно сме посветени и не отстапуваме во спроведувањето на веќе пропишаните правила за зачувување на статусот од УНЕСКО“, вели Пецаков.

Мисијата на УНЕСКО во Охрид ќе биде неколку дена, а како што посочи претходно министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, претставниците на Светската организација се тука за да ја утврдат фактичката состојба околу заштитата на Охридскиот регион на терен,со средби со претставници на сите засегнати институции и субјекти. Од мисијата на УНЕСКО ќе произлезат заклучоци според кои државата е треба да постапува во насока на заштита на Охридскиот регион и неговиот статус во УНЕСКО.

Ова е сложен процес во кој не е само Министерството за култура, Министерството за животна средина и просторно планирање, вклучени се и општините и институциите кои се занимаваат не само од областа на заштита на културно наследство туку и од областа за заштита на животна средина, изјави завчера Костадиновска Стојчевска за Слободен печат.

„И најголемиот проблем кој што беше наследен е тоа што првиот Закон за прогласување на охридското Старо градско јадро за заштитено е донесен во 2010 година, а комисијата која требаше да одлучува по однос на предмети кои го тангираат овој регион беше формирана во 2018-2019 година. Што значи дека тој вакум од 9 години беше навистина многу долг и во тој период се донесоа многу закони кои воопшто не се консултирани со законите кои што владеат во Охридскиот регион. Полека, полека тие закони ги усогласуваме што не е лесен процес но имаме некој напредок“, посочи Костадиновска Стојчевска.

Потенцираше дека задржувањето на статусот во септември минатата година односно позитивниот извештај бил добиен бидејќи биле препознаени напорите за имплементирање на упатството како треба да се прават детални и генерални урбанистички планови, како треба да се изработуваат конзерваторски мислења и целата таа документација која треба да биде придружна во секој можен процес во овој регион.

„За жал, наидовме на несоработка од општините во овој регион, Охрид и Струга. Оваа мисија која доаѓа ќе ги посети двете општини  и самите општини ќе мора тоа што нас долго време ни го даваат или не ни го даваат како информација да го приложат пред мисијата. И тоа што е добро зошто ваквите мисии и ние како држава многу пати сме ги поканиле е затоа што ќе биде видливо тоа што е на терен и ниту една од засегнатите страни во поднесување на тој годишен извештај што го правиме нема да може да избегне било што“, изјави Костадиновска Стојчевска.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ