Макрон пристигна во Бејрут: Не можеме, а да не си ја кажеме болната вистина едни на други

Претседателот на Франција, Емануел Макрон повика на итна помош за Либан, каде штотуку пристигна, два дена по разорната експлозија која уништи делови од градот и однесе 145 животи и предизвика сеизмички шок што се почувствува низ целиот регион.

Screenshot

Повеќе десетици луѓе се водат за исчезнати, 5.000 лица се повредени, а околу 300.000 останаа без домови во катастрофата што ја погоди земјата веќе тешко погодена со економската криза и пораст на случаите на зараза со новиот коронавирус.

Властите очекуваат бројот на загинати да расте, со оглед дека многумина сè уште се затрупани под урнатините.

Макрон е првиот странски лидер во Либан, земја со длабоки историски врски со Франција, од драматичниот вторник кога во пристаништето во Бејрут одекнаа две моќни експлозии.

Тој вети дека ќе организира меѓународна помош за Либан, но притоа рече дека владата мора да спроведе економски реформи и да ја спречи корупцијата.

„Доколку не се спроведат реформите, Либан ќе продолжи да страда“, рече Макрон по пристигнувањето на аеродромот каде го пречека претседателот Мишел Аун.

Франција се обидува да ја поддржи својата поранешна колонија и веднаш по експлозиите испрати неопходна помош, но ја загрижува ендемската корупција и врши притисок за спроведување реформи во земјата во која финансиската криза дополнително се продлабочува.

Слетувајќи на аеродромот во Бејрут, Макрон изрази „безусловна“ солидарност со либанскиот народ и рече дека на некои политичари ќе мора да им ја каже „болната вистина“.

„Покрај експлозиите, знаеме дека кризата тука е сериозна и вклучува историска одговорност на сегашните лидери“, рече Макрон пред новинарите.

„Не можеме, а да не си ја кажеме болната вистина едни на други. Ако реформите не се спроведат, Либан ќе продолжи да тоне“, рече францускиот претседател, особено споменувајќи го секторот за енергетика и јавни тендери и борбата против корупцијата.

И додека официјалните лица причината за катастрофата што го зафати главниот град ја наоѓаат во складирањето на високо експлозивен материјал во несоодветни услови, Либанците посочуваат прст кон политичарите, обвинувајќи ги за лошо управување и државна корупција што не се смирува со децении.

Макрон ги обиколи опустошените делови на градот, додека толпа луѓе барале крај на „режимот“ што го доведе Либан во катастрофа и повика на „револуција“.

„Гледам емоции на вашите лица, тага и болка. Затоа сум тука“, изјави Макрон пред група луѓе.

Во црна вратоврска, симбол на жалост и опкружен со телохранители, Макрон вети дека ќе испрати дополнителна медицинска и друга помош за Либан, а еден човек му возврати дека се надева дека „помош ќе добијат луѓето, а не корумпираните лидери“.

„Но, она што тука е потребно е и политичката промена. Оваа експлозија треба да означи почеток на нова ера“, рече Макрон.

Луѓето на улиците го повикаа да им помогне да се „ослободат од сегашната власт“, но и од проиранската шиитска група која е дел од владејачката структура.

„Претседателе Макрон, ослободете нè и од Хезболах“, побараа Либанците.

Либан се соочува со колапс на економијата, домашните банки се во криза, валутата е во слободен пад, долговите се натрупуваат, а Макрон на незадоволните луѓе исто така им порача дека „го разбира нивниот гнев“ и дека „нема на режимот да му даде бланко чек“.

Светската банка во средата најави дека ќе работи со либанските партнери за зајакнување на јавното и приватното финансирање за реконструкција и обнова. Но, засега не е јасно каков ефект ќе има ова врз тешките преговори кои земјата ги води со Меѓународниот монетарен фонд.

Легенда под Главна слика

Screenshot

Мислам дека Европа нема ни да дозволи полемика за македонскиот јазик затоа што тоа е строго научна работа. Освен нашите политичари-шупелки, никој друг не би посегнал по таа светост.

повеќе

Сега младите сакаат што е можно побрзо да ја напуштат својата земја. Тие веќе не се чувствуваат застапени и го изгубија чувството на припадност.

повеќе

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе