Во интервју за Ле Паризиен

Макрон: Ќе ги распаметиме невакцинираните, тоа е нашата ковид-стратегија

Емануел Макрон предизвика скандал откако во интервју за весникот Ле Паризиен рече дека стратегијата за вакцинација на неговата влада е да ги „распамети“ луѓето што не се вакцинирани против коронавирусот, со тоа што сѐ повеќе ќе им го отежнува секојдневниот живот, вели Гардијан.

Фото: ЕПА

„Не ми е намерата да го распаметам францускиот народ. Но кога станува збор за невакцинираните, нив навистина сакам да ги распаметам. И ќе продолжиме да го правиме тоа до крај. Тоа е стратегијата“, ги опиша тој своите напори да натера што повеќе Французи да се вакцинираат на начин што ќе им го отежни животот на оние што не примиле ниту една доза. „Во Франција досега се вакцинирани повеќе од 90 отсто од оние на кои им е понудена вакцината“, рече тој.

Според Гардијан, интервјуто на Макрон во францускиот весник се случи во време кога во долниот дом на француското Народно собрание, на изненадување на претседателот, заглави донесувањето на новиот закон со кој само на вакцинираните граѓани ќе им се дозволи влез во кафулињата и кината, музеите и авионите, возовите и на други јавни места, додека негативниот тест повеќе нема да се признава. Мнозинството пратеници гласаа за одложување на седницата по жестоката дебата до понеделникот доцна навечер, а членовите на владејачката партија на Макрон беа запрепастени од ваквиот развој на настаните.

Законот предвидува построги казни за производителите, трговците и корисниците на лажни ковид-пропусници, како и за одговорните лица на местата на кои не ги проверуваат. Лицата што имаат лажна пропусница може да бидат казнети со пет години затвор, и парична казна до 75.000 евра.

Предложените построги мерки ги разгневија противниците на вакцинацијата, а некои пратеници велат дека биле изложени на закани со насилство и вандализам. Интервјуто на Макрон за „Ле Паризиен“ и острите зборови што ги изговори во него долеа масло во огнот на социјалните поделби.

„Во демократијата, лагите и глупоста се најлошите непријатели. Ние вршиме притисок врз невакцинираните така што, колку што е можно, им го ограничуваме пристапот до општествените активности“, рече Макрон.

„Имаме повеќе од 90% вакцинирани, а само мало малцинство дава отпор. Како дополнително да го намалиме? Па, простете ми за изразот, уште повеќе ќе ги распаметиме“, рече францускиот претседател, чиј мандат е пред истекување, а сѐ уште формално ја нема објавено својата кандидатура за изборите во април, бидејќи, како што вели, „здравствената состојба“ сѐ уште не му го дозволила тоа.

„Не сакаме да ги ставаме во затвор, не сакаме да ги вакцинираме со сила. Но ќе им кажеме: од 15 февруари повеќе нема да можете да одите во ресторан. Веќе нема да можете на кафе, веќе нема да можете во театар“, рече Макрон и додаде:

„Кога моите слободи ги загрозуваат слободите на другите, тогаш јас станувам неодговорен. Тој што е неодговорен не е граѓанин“, заклучи Макрон.

Неговите политички противници, кои од почетокот на неговото владеење го нарекуваа арогантен, нетактичен и целосно оддалечен од делови од населението, веднаш го обвинија за ваквата реторика.

„Ја нема таа здравствена криза што би ги оправдала ваквите зборови“, рече Бруно Ретајо, лидерот на десничарските републиканци во францускиот Сенат. „Емануел Макрон рече дека научил да ги сака Французите, но се чини дека особено сака да ги презира.“

Еден претседател „не треба да кажува такви работи. Невакцинираните ги претвора во граѓани од втор ред“, додаде Марин Ле Пен, лидерката на десничарската партија Национално собрание и можен ривал на Макрон во вториот круг.

Лидерот на радикалната левица, Жан-Лук Меланшон, кој исто така се противи на предложениот закон, речникот на Макрон го нарече „ужасен“.

„Очигледно е дека ковид-пропусниците се колективна казна насочена против слободите на поединецот.“

Аналитичарите, вели Гардијан, оценуваат дека иако вокабуларот на Макрон бил груб и може да предизвика екстремни, па дури и насилни реакции од антиваксерите, неговите коментари се одраз на внимателна политичка тактика.

Според анкетите, повеќето Французи се прилично фрустрирани од бескрајната пандемија и ги поддржуваат ковид-пропусниците како метод за нејзино конечно сузбивање, поради што Макрон не би требало многу да загуби на претстојните избори.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе