Зборувајќи синоќа пред Денот на независноста на Белорусија, Лукашенко кажа дека им наредил на своите оружени сили да ги гаѓаат „центрите на одлучување“ на западните престолнини во случај на напад на Белорусија, пренесува белоруската новинска агенција Белта.
„Не нè чепкајте нас и ние нема да ве чепкаме вас“, порача Лукашенко.
„Ако само се осмелите да нападнете, како што планираат, на југот Гомел или рафинеријата за нафта Мозир, аеродромите, пистите во Лунинец или Брест, одговорот ќе биде моментален. Во една секунда! Имаме со што да одговориме“, кажа Лукашенко и истакна дека центрите се на дофат на проектилите и дека нема да гледаат кој седи во кабинетите и палатите, туку дека одговорот ќе биде недвосмислен.
Тој истакна дека негова задача како претседател е да ја штити земјата.
Западот стравуваше дека Белорусија официјално ќе ѝ се приклучи на Русија во војната во Украина на крајот на февруари, а Лукашенко призна дека руски проектили биле испукани на Украина од белоруска територија во првите денови на инвазијата.
НАТО неделава на самитот во Мадрид одлучи значително да го зајакне своето источно крило и да го почне процесот на примање на Финска и Шведска во воениот пакт.
Рускиот претседател Владимир Путин потоа најави дека ќе одговори на можното префрлање на војници на НАТО во Финска со пропорционално распоредување руски сили во регионот.