Нови санкции за Белорусија на годишнината од изборите

Лукашенко е спремен да преговара со Западот

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко пркосно вчера кажа дека спринтерката која не се вратила дома од Олимписките игри ја „изманипулирале“ странски сили и го намали значењето на новиот координиран бран санкции од Западот.

EPA-EFE

На повеќечасовната конференција за медиумите на годишнината на изборите кои, според тврдењата на неговите противници, ги наместил за да победи, Лукашенко демантираше дека е диктатор и тврдеше дека ја одбранил Белорусија од противниците кои планирале државен удар.

Додека зборуваше во претседателската палата во Минск, Британија, Канада и САД ги објавија координираните санкции против белоруската економија и нејзиниот финансиски сектор, вклучувајќи го извозот на нафтени деривати и супстанца која се користи во ѓубривата од кои Белорусија заработува најмногу девизи.

Лукашенко кажа дека Британија „може да се задуши“ со своите мерки и ги повика западните држави на преговарачка маса наместо ескалација на војната со санкции.

Тој истакна дека чесно победил на изборите на 9 август 2020 и дека некои луѓе се „подготвувале за фер избори, додека некои повикувале на државен удар“.

Десетици илјади луѓе се придружија на уличните протести во 2020, а Лукашенко одговори со пресметка во која многу противници беа уапсени или избегаа од земјата. Тие негираат дека се обиделе да извршат пуч.

Белорусија повторно се најде во интересот на меѓународната јавност откако спринтерката Кристина Цимановскаја избега во Варшава минатата недела по спорот со тренерите, кои ги обвини дека не се грижат. Таа кажа дека наредбата од Токио да биде испратена дома дошла „од врвот“.

„Таа тоа не би го направила сама, изманипулирана е. Таа од Токио контактирала со своите другари во Полска и тие ѝ кажале – буквално – кога ќе дојдеш на аеродромот, истрчај до јапонски полицаец и викни дека тие што те довеле на аеродромот се агенти на КГБ“, кажа Лукашенко.

„Немаше ниту еден агент на специјалната служба во Јапонија“.

Лукашенко ја исмеа Цимановскаја, кажувајќи дека го зазела 36 место и прашувајќи зошто воопшто била испратена на Олимписките игри.

Белорускиот претседател, кој има политичка и финансиска помош од Русија, кажа вчера дека Минск побарал од Москва да го одложи враќањето на милијарда долари долг и дека побарал нов кредит од Евроазиската банка со која управува Русија.

Претходните санкции, вклучувајќи ги оние од Европската Унија, не го убедија Лукашенко да ја смени политиката.

Тој вчера кажа дека Белорусија во случај на потреба ќе одговори на притисокот со санкции, но дека „нема потреба да се земаат секирите и вилите на санкциите“.

„Додека тоа трпеливо го подготвуваме, ајде да седнеме на преговарачка маса и да почнеме да зборуваме како ќе излеземе од оваа ситуација, бидејќи неповратно ќе се заглавиме во неа“, кажа Лукашенко.

За британските санкции тој порача: „Можете да се задушите со санкциите... Вие сте американски пудлици!“.

Лукашенко претходно во замотана форма кажа дека ќе се повлече откако Белорусија ќе усвои нов устав, но не прецизираше кога тоа би можело да се случи. Вчера кажа дека тоа ќе се случи „многу брзо“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе