Уставниот суд на Полска минатата недела донесе одлука со која речиси целосно се забранува абортусот во мнозински католичката земја, а потоа следеа пет дена протести низ земјата.
Кога таа одлука ќе стапи на сила, прекинот на бременоста ќе биде легален само во случај на инцест, силување или загрозено здравје на мајката. Судот кажа дека абортусот поради аномалии на фетусот, кој досега во Полска беше легален, е неуставен.
„Не можеше да биде донесена друга одлука имајќи го предвид уставот“, кажа Качински на видеоснимка на фејсбук страницата на партијата Право и правда.
„Не можеме да ја смениме оваа одлука по сегашниот устав“, додаде тој.
Кажа и дека протестите ќе чинат многу човечки животи и предупреди дека оние кои повикуваат на нив или учествуваат во нив прават злочин, барајќи од Полјаците да направат повеќе за „одбрана на Полска и Црквата“ од жените.
Неговата порака доаѓа по повикот на премиерот Матеуш Моравјецки на прекин на масовните протести, кој кажа дека тие кои учествуваат во нив ги занемаруваат „големите ризици“ од ново разгорување на пандемијата на коронавирусот.
Протестите се одржуваат и покрај ограничувањата воведени со цел сузбивање на порастот на бројот на случаи на ковид-19. Полска во последните 24 часа има рекордни 16.300 нови случаи.
Расправија изби и вчера во полскиот парламент кога опозициски пратеници извадија плакати со натписи „Ова е војна“, „Срамота“ и „Легален абортус“, и го опкружија Качински.
Изгледа дека и Качински и Право и правда ги изненадија интензитетот на протестите, кои иницираа и невообичаено жестока реакција против Католичката црква. Се смета дека свештенството е тесно поврзано со владејачката партија и нејзините ултраконзервативни пратеници во парламентот.