„Носете маски за да не морам да ве прегрнувам“

Лекар прегрнува и теши очаен пациент со коронавирус што „само сака да ја види жена си“ (ВИДЕО)

Фотографијата на лекар во заштитно одело и ракавици што работи 256 дена без прекин и гушка стар пациент на Денот на благодарноста се прошири на социјалните мрежи како симбол на очајот на пациентите со коронавирус и благодарноста кон медицинскиот персонал што се грижи за нив.

Фото: Јутјуб

Тексашкиот лекар зборува за тажната изолација на своите постари пациенти и ги повика луѓето да „ги прават основните работи“ за да избегнат заразување и да не завршат во болница.

Д-р Џозеф Варон, шеф на Медицинскиот центар Јунајтед меморијал во Хјустон, за Си-ен-ен во понеделникот изјави дека досега во пандемијата работи 256 дена без прекин и дека е фрустриран од зголемениот број хоспитализирани лица.

Варон го опиша очајот на ковид-пациентите на неговиот оддел, за кои вели дека се борат со осаменоста исто како и со вирусот. Човекот што го тешам на фотографијата само сакаше да си биде со семејството, вели тој.

Фотографијата е направена на денот кога американските семејства традиционално се собираат на празничната трпеза, а нејзин автор е фотограф од агенцијата „Гети“.

„Влегувам во мојот ковид-оддел и гледам дека постар пациент станал од креветот, се обидува да си замине и плаче“, изјави за Си-ен-ен д-р Џозеф Варон. „Дојдов до него и го прашав ‘зошто плачете?' и тој одговори 'сакам да бидам дома со жена ми'. Тогаш го прегрнав“, рече докторот, „го гушкав, воопшто не знаев дека некој ме фотографира.“

„Плачеше и по неколку моменти се смири“, додаде Варон, велејќи дека во тој момент се чувствувал исто како пациентот, „неутешен како и тој“.

„Многу е тешко. Можете да замислите. Вие сте во просторија каде што луѓето влегуваат во 'вселенски костуми' и немате комуникација со никого друг, само по телефон ако имате среќа. Мислам дека е многу тешко и кога сте постар човек е уште потешко затоа што чувствувате дека сте сами. Се чувствувате изолирано“.

Варон рече додека го прегрнувал човекот, се присетил на сите други пациенти што морал слично да ги теши.

„Ќе влезам во нивните соби; ќе седнам на нивниот кревет и ќе разговарам со нив затоа што навистина им треба некој да им помогне. И мојот персонал е многу добар во тоа, но имаме толку многу пациенти што понекогаш не можеме да го прегрнуваме секој пациент или да го фатиме пациентот за рака или барем да се обидеме да бидеме малку похумани“, рече лекарот. „Некои плачат, некои се обидуваат да избегаат - ние всушност пред некој ден имавме еден што се обиде да избега преку прозорец.“

Човекот на фотографијата можеби и ќе си ја види сопругата наскоро, вели Варон. Неговата состојба е подобрена и тој би можело да биде пуштен кон крајот на неделава.

Битката на докторот, меѓутоа, продолжува.

Тој вели дека е фрустриран од однесувањето на Тексашаните, кои не ги почитуваат хигиенските мерки и продолжуваат да ги полнат неговите кревети.

Тексас стана првата американска држава што ја премина границата од 1 милион позитивни случаи на коронавирусот од почетокот на пандемијата во ноември, со повеќе од 21.800 смртни случаи.

„Работам секој ден и гледам како луѓето прават сѐ што не треба, одат во барови, ресторани, трговски центри – лудо е – ние работиме, работиме, работиме, работиме, работиме, a луѓето не слушаат и завршуваат на мојот оддел за интензивна нега“, вели тој.

„Она што треба луѓето да го знаат е – јас не сакам да морам да ги прегрнувам. Тие мора да ги прават основните работи: држете дистанца, носете маска, мијте раце и избегнувајте места каде што има многу луѓе. Многу просто. Ако луѓето го прават тоа, тогаш здравствените работници како мене ќе можат, се надевам, да се одморат“.

Легенда под Главна слика

Фото: Јутјуб

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе

Турската влада има нови барања од социјалните медиуми и дигиталните платформи како што се Фејсбук (Facebook), Ватсап (Whatsapp), Инстаграм (Instagram) и Твитер (Twitter). 

повеќе

Баталете ги овие глупости со Бугарија, а Османи нека си фати патот до Брисел да земе обрасци за членство во ЕЕО и нека ги пополнат брзо.

повеќе