Лавров во интервју за Би-би-си: Русија не е совршена, но не ѝ е срам да покаже каква е (ВИДЕО)

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кажа во интервју за Би-би-си дека нештата во Украина не се како што изгледаат и дека Западот врши пропаганда наведувајќи дека Русија „не е совршена“ но дека не ѝ срам да покаже каква е.

EPA-EFE

„Ние не извршивме инвазија на Украина. Ние прогласивме специјална воена операција затоа што немавме апсолутно никаков друг начин да му објасниме на Западот дека вовлекувањето на Украина во НАТО е криминален чин“, кажа Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари даде само неколку интервјуа на западни медиуми, укажува Би-би-си.

Тој го повтори официјалниот став на Кремљ дека има нацисти во Украина. Руските власти често тврдат дека нивната војска ја „денацифицира“ Украина, истакнува британскиот јавен сервис.

Новинарот му наведе извештај на Обединетите нации за украинското село Јагодно, во областа Чернигов каде се наведува дека 360 мештани, вклучувајќи 74 деца и пет инвалиди, руската војска ги натерала да останат 28 дена во подрум на училиште, без тоалет и вода, при што 10 постари лица починале. Тој го праша Лавров „дали е тоа борбата против нацистите?“

„Тоа е голема штета“, кажа Лавров. „Но, меѓународните дипломати меѓу кои и високата комесарка на ОН за човекови права, генералниот секретар на ОН и други претставници на ОН се под притисок на Западот. И многу често тие се користат за да се засилат лажните вести кои Западот ги шири“.

„Русија не е совршена. Русија е тоа што е. И не ни е срам да покажеме какви сме“, кажа шефот на руската дипломатија.

Новинарот се осврна на односите на Русија и Британија, која е на руската официјална листа на непријателски земји и наведе дека е малку да се каже дека односите се лоши.

„Не верувам дека дури има повеќе простор за маневрирање... затоа што и (премиерот Борис) Џонсон и (Лиз) Трас отворено велат дека треба да се порази Русија, да се фрли на колена. Ајде тогаш направете го тоа“, кажа Лавров.

Пред еден месец британската министерка за надворешни работи Трас кажа дека рускиот претседател Владимир Путин се понижува себеси на светската сцена и дека Британија „мора да обезбеди дека тој ќе се соочи со пораз во Украина“.

На прашањето како сега ја гледа Британија Лавров кажа дека „таа повторно ги жртвува интересите на својот народ за политички амбиции“.

На прашањето за двајцата Британци кои неодамна проруските бунтовници во источна Украина ги осудија на смрт и забелешката дека во очите на Западот Русија е одговорна за нивната судбина, Лавров одговори дека не го интересира што се случува во очите на Западот.

„Воопшто не сум заинтересиран за очите на Западот. Ме интересира само меѓународното право. Според меѓународното право платениците не се признаваат како борци“, кажа Лавров. На забелешката дека тие служеле во украинските оружени сили и дека не се платеници, Лавров кажа дека тоа треба судовите да го одлучат.

Лавров потоа го обвини Би-би-си дека не ја открива вистината за тоа што се случува со цивилите во областите на истокот на Украина кои се во рацете на проруските бунтовници, каде „трупите на Киев бомбардираа цивили осум години“.

Новинарот му кажа дека во последните шест години Би-би-си повеќе пати ги контактирал властите во одметнатите области за да побара дозвола да види што се случува и дека секој пат бил одбиен.

Русија ја обвини Украина за геноцид, меѓутоа според руските власти во самопрогласените проруски територии се убиени осум цивили во 2021 во тие региони, а седум претходната година, наведе новинарот на Би-би-си и кажа дека секоја смрт е трагедија но дека тешко дека таа бројка претставува геноцид. Новинарот праша зошто бунтовничките власти во Доњецк и Луганск не му дозволиле на Би-би-си да влезе.

Лавров одговори дека не знае.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Римскиот политичар и филозоф, Марк Тулиј Цицерон, во I век пред н.е. укажал дека „кога немате основа за аргумент, злоставувајте го тој што ве обвинува“.

повеќе

Со појавата не енергетската криза многу земји отстапија од зацртаните планови за намалување на емисиите на стакленички гасови.

повеќе

Работите во Македонија забегаа до тој степен што за нив мора да се пишува отворено, „револуционерно“.

повеќе