На самитот, кој треба да почне в петок, се очекува да присуствуваат водечки дипломати од сите земји-членки на Г20, вклучително и американскиот државен секретар Антони Блинкен и неговиот кинески колега Ванг Ји.
Лавров треба да има билатерални разговори со Ванг в четврток, изјави извор од кинеската амбасада во Џакарта.
Експертите велат дека поделбите околу присуството на Лавров би можеле да доминираат на состанокот.
„Веројатно ќе има драма околу Лавров, но ако Индонезија може да ја убеди Русија да склучи мир со Украина, мислам дека би вредело“, вели Агус Харјанто, кој предава меѓународни односи на Универзитетот Џендерал Содирман.
Индонезискиот претседател Џоко Видодо се обиде да посредува меѓу Русија и Украина, посетувајќи ги двете земји минатата недела на патување што тој го опиша како мировна мисија.
Тој минатиот месец предупреди дека глобалната криза со храна предизвикана од руската инвазија на Украина ќе ги турне луѓето во земјите во развој и сиромашните земји во „амбис на екстремна сиромаштија и глад“.