„Подготвени сме да преговараме на таа тема, но во рамките на каналот што го договорија претседателите Путин и Бајден“, изјави министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Ако Американците решат уште еднаш да прибегнат кон јавна дипломатија, (...) тоа е нивна работа и, дури би рекол, нивен проблем“, додаде тој.
Кремљ претходно ги предупреди САД дека се против прибегнувањето кон „мегафон дипломатија“ во случајот на Гринер, тврдејќи дека тоа може само да ги попречи напорите за обезбедување потенцијална размена.
Казната на Гринер - која Џо Бајден ја нарече „неприфатлива“ - би можела да го отвори патот за американско-руска размена на затвореници во која ќе бидат вклучени 31-годишната кошаркарка и руски трговец со оружје.
Соединетите Држави веќе дадоа, како што рече државниот секретар Антони Блинкен, „значајна понуда“ за да се обезбеди ослободување на Американците притворени во Русија, вклучително и Гринер и поранешниот маринец Пол Вилан.
Гринер, двократна освојувачка на златен олимписки медал и ѕвезда на Женската национална кошаркарска асоцијација ВНБА, беше уапсена на 17 февруари на московскиот аеродром Шереметјево, откако во нејзиниот багаж беа пронајдени патрони за електронски цигари кои содржеле масло од канабис.
Гринер, на која во САД ѝ бил препишан медицински канабис за ублажување на болките од хроничните повреди, рече дека погрешила кога ненамерно ги спакувала во багажот затоа што брзала да фати лет. Таа се изјасни за виновна, но инсистираше дека немала намера да го прекрши рускиот закон.
Канабисот е нелегален во Русија и за медицински и за рекреативни цели.