Кремљ е загрижен дека исламистите по повлекувањето на сојузничките сили ќе најдат упориште во Авганистан и ќе се прошират во стратегиски важниот регион за Русија во централна Азија. Москва не сака и во тој регион, некогашниот дел од Советскиот Сојуз, да зајакне присуството на Западот.
„Ги повикуваме земјите околу Авганистан да не дозволат воено присуство на американските и силите на НАТО кои планираат да се преселат таму по напуштањето на Авганистан“, кажа Лавров.
Шефот на руската дипломатија ова го кажа во говорот преку видеолинк на конференцијата за Авганистан која се одржа во Техеран, а на која присуствуваа Кина, Иран, Пакистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.
Лавров истакна дека е важно да се контролираат миграциите од Авганистан и дека криминалните и терористичките елементи веќе се обидуваат да влезат во соседните држави под маската на бегалците.
Москва поранешниот советски регион го смета за одбранбена тампон-зона, но рускиот претседател Владимир Путин во јуни му понуди на Вашингтон да ги користи руските воени бази во централна Азија, пишува Комерсант.
Русија својата најголема странска воена база ја има во Таџикистан кој со Авганистан има долга граница. Откако Талибанците ја презедоа власта во Кабул, Русите го зголемија своето воено присуство во таа база.