Лајчак вчера во Белград се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ кој по состанокот остро реагираше на одлуката на косовската влада за можноста за пререгистрација на автомобилите со регистарски ознаки издадени од Србија на косовски (РКС) таблички.
Специјалниот претставник на ЕУ на новинарите во Белград, пред средбата со претставници на српската опозиција, им кажа дека со Вучиќ имал „сериозен разговор“ за ситуацијата на Косово, и додаде дека треба да се бараат решенија преку дијалог а не преку конфронтација.
„Јас дојдов во регионот за да ја подготвам следната лидерска средба и да зборуваме за напредокот и нормализацијата на односите, а сега треба да ја решаваме оваа ситуација. Не смееме да дозволиме да дојде до криза“, кажа Лајчак.
Тој на 29 јуни стигна во Белград откако претходно ја посети Приштина, каде се сретна со косовските лидери, и иако беше планирано по состанокот со Вучиќ двајцата да ѝ се обратат на јавноста, на конференцијата се појави само српскиот претседател.
„Го известив (Лајчак) за што ќе зборувам и дека ќе ја соопштам вистината за сè што се случува и какви се намерите на западните сили. Неговиот збор е важен и не сакав да го доведам во непријатна ситуација“, кажа Вучиќ на прес-конференцијата.
Вучиќ ги обвини косовските власти и западните земји дека „сакаат да ги убедат Србите да се регистрираат со РКС таблички“, и додаде дека со овие одлуки „се подготвува протерување на Србите од Косово“.
Кажа и дека одговорот на Србија на тие одлуки ќе биде трезвен но убиствен.
Во соопштението на косовската влада од 29 јуни се соопштува дека пререгистрација на возилата со ознаки кои ги издаваат државните органи на Србија ќе почне од 1 август и дека ќе трае до крајот на септември.
На истата седница на косовската влада е усвоено и упатство за преминување на граничните премини со документи кои ги издава Србија. Сите лица кои имаат лично документи издадени од српските органи, ќе добијат потврда која ги заменува документите.