Курти: Сојузништвото со Америка е нераскинливо

Премиерот на Косово во оставка Аљбин Курти изјави дека сојузништвото на Приштина и Вашингтон е длабоко и нераскинливо.

Тој кажа дека верува дека САД имаат потреба од силно Косово кое ги брани своите интереси.

„Сојузништвото на двете земји е нераскинливо и не зависи ни од владите на Косово, ни од премиерот ни од претседателот. Многу е длабоко и се однесува на историјата и геополитиката. Но се однесува и на заедничките вредности. Фактот што можеме да се критикуваме едни други не е слабост“, кажа Курти за Радио слободна Европа.

Тој оцени дека Косово јакне кога се почитува себеси и гради реципрочни односи со останатите, пред сѐ со Србија, и додаде дека не верува дека слабо Косово може да придонесува на сојузништвото со Вашингтон.

Коментирајќи ги тврдењата дека неговите ставови од стапувањето на должноста премиер главно беа поблиски до оние на ЕУ, отколку на САД, вклучувајќи го прашањето на реципрочните мерки кон Србија, Курти кажа дека не се приближил никому, ниту пак мисли дека некој го направил тоа кон него.

„Јас дадов ветување на граѓаните дека царината од 100 отсто ќе ја заменам со реципроцитет и тоа ветување го одржав. Изразив добра волја со тоа што прво ја отстранив царината на сировините од Србија. Верувам дека реципроцитетот е вистинскиот начин како концепт на еднаквост, третирање без дискриминација кон Србија, а и на Србија кон нас“, наведе Курти.

За ситуацијата на северот на Косово Курти кажа дека никогаш не била „под контрола како што треба и колку што треба, од ослободувањето па навака“.

„Прогласувањето на независноста не ја смени ситуацијата во изминатите 12 години, и нашата влада која не наполни ни цели два месеци кога ѝ беше изгласана недоверба, не може да биде одговорна за состојбата што ја затекнавме“, кажа Курти.

Тој кажа дека Србија „активно дејствува северно од Ибар“, но дека не верува дека има „некое поголемо јакнење на структурите на Србија од вообичаеното“.

„Не велам дека нема и одлуки на Србија кои делумно понекогаш некаде се спроведуваат, имајќи предвид дека сѐ уште постојат структури на Србија на Косово. Но тоа не можеме да го смениме за неколку недели, особено сега во време на пандемија. Напротив, ние се обидуваме независно од етничките, регионалните или партиските разлики да се обединиме со сите на фронтот против вирусот“, наведе тој.

Курти, на чија влада косовскиот парламент ѝ изгласа недоверба на 25 март, кажа дека смета дека Косово треба да оди на нови избори по завршувањето на пандемијата и наведе дека поддршката за неговото движење Самоопределување никогаш не била поголема.

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе